ОД ЈАНУАРИ ЌЕ ИМА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ВО СРЕДНИТЕ ШКОЛИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА

    ОД ЈАНУАРИ ЌЕ ИМА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ВО СРЕДНИТЕ ШКОЛИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКАЗаконот за средно образование многу скоро ќе се најде на јавна расправа, рече Јаневска. (Фото: К. Попов)

    Учениците со попреченост во средното образование ќе добијат образовни асистенти, најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. По посетата на Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската Општина Аеродром, министерката најави дека се подготвуваат новини во новите закони за основно, средно и средно стручно образование, а една од нив е што ќе се обезбедат асистенти и за средно училиште, нешто што досега го немаше.

    „Законот многу скоро ќе биде ставен на расправа, потоа има процедура да помине на Влада, да се поднесе во Собрание. Многу скоро ќе биде ставен, сите ќе може да го видат и да дадат сугестии и забелешки и најрано што очекувам е тие да почнат со работа во јануари 2025“, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање.

    Меѓу новините во законите е што се дава можност асистентот да го следи ученикот за време на целото образование, освен ако не престане потребата, ако асистентот си замине или на инсистирање на родителите, ако сметаат дека може да постигне успех со друг асистент.

    Јаневска на 5 септември кажа дека за оваа учебна година се обезбедени 815 образовни асистенти, за останатите 200 асистенти се чекаше на ребалансот на буџетот, за да се обезбедат средства.

    „Министерството за образование и наука ја заврши својата задача, а конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот. Зошто поставуваме директори на училишта, ако не си ги знаат своите основни обврски?“, рече Јаневска, додавајќи дека годинава бројот на образовни асистенти е значително поголем за разлика од претходните години.

    „Ако има потреба, зависно од барањата на родителите, следната учебна година ќе ангажираме уште поголем број“, рече министерката минатата недела.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира