Премиерот Димитар Ковачевски вели за евентуално пролонгирање на рокот за промена на пасошите треба да се постигне договор со Грција, затоа што, како што кажа тој, од мај до септември нашите граѓани најмногу патуваат во Грција.
„Јас кажав дека пасошот не им е потребен на институциите, туку на граѓаните за да патуваат надвор од државата. Со влегувањето во НАТО, со потпишувањето на Преспанскиот договор, соодветните уставни измени направени во Собранието сме се обврзале како држава дека до 12 февруари документите за надворешна употреба ќе бидат со новото уставно име на државата. Имавме разговори со ресорните министри, ја видов и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд, јас таа иницијатива не ја отфрлам, но меѓутоа на крајот тоа ќе биде одлука на Уставниот суд. Треба да се постигне некаков договор и со Грција. На крајот на денот, кога ќе ги видите дестинациите каде што патуваат нашите граѓани од средина на месец мај до средината на септември, дестинација каде што најмногу патуваат нашите граѓани е токму Грција, од доминантно туристички причини“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во Шуто Оризари.
Премиерот уште еднаш ги пофали вработените во МВР кои работат на изработка на пасоши.
„Навистина натчовечки напори прават вработените во МВР, променија 1,2 милиони пасоши, гледате работат луѓето на празници и во недела, тоа е процес кој што мора да се заврши“, рече Ковачевски.
Тој денеска рече дека претседателот Стево Пендаровски презел обврска да разговара со претседателката на Грција, но Пендаровски веднаш му одговори дека „може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла“.