ОД НОВА ГОДИНА НОЌНИ ПЕДИЈАТРИСКИ ДЕЖУРНИ ПУНКТОВИ ВО ПОЛИКЛИНИКИТЕ ЈАНЕ САНДАНСКИ, ЃОРЧЕ ПЕТРОВ И БИТ ПАЗАР

    ОД НОВА ГОДИНА НОЌНИ ПЕДИЈАТРИСКИ ДЕЖУРНИ ПУНКТОВИ ВО ПОЛИКЛИНИКИТЕ ЈАНЕ САНДАНСКИ, ЃОРЧЕ ПЕТРОВ И БИТ ПАЗАР„Педијатриските пунктови ќе бидат во постојана комуникација со Клиниката за детски болести и им препорачуваме на родителите прво децата да ги носат во овие пунктови, а ако процени лекарот дека состојбата е посериозна да ги препрати на Клиника за детски болести“, рече министерот за здравство Венко Филипче (Фото: Министерство за здравство)

    Од први јануари почнуваат со работа три ноќни педијатриски пунктови во поликлиниките Јане Сандански, Бит Пазар и Ѓорче Петров.

    „Овие пунктови ќе бидат отворени за граѓаните секој работен ден од 19.30 до 7.30 часот следниот ден, вклучувајќи и лаборатории за испитување крв и урина, кои ќе работат секој ден до 23.30 часот. Во недела овие пунктови ќе работат 24 часа, а лабораторијата од 8 до 23.30 часот“, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната промоција на дежурниот ноќен пункт во поликлиниката Бит пазар.

    Тој кажа дека овие пунктови ги отвораат за да можат родителите побрзо и полесно да стигнат до медицинска помош кога нивните деца се болни.

    „Со отворање на педијатриските пунктови ќе ги приближиме лекарските служби до пациентите кои живеат далеку од Клиничкиот центар“, рече Филипче.

    Директорот за Здравствен дом Скопје Злате Мехмедовиќ рече дека кадарот ангажиран во педијатриските пунктови се лекари по семејна медицина, кои поминале обука на Клиниката за детски болести.

    „Педијатриските пунктови ќе бидат во постојана комуникација со Клиниката за детски болести и им препорачуваме на родителите прво децата да ги носат во овие пунктови, а ако процени лекарот дека состојбата е посериозна да ги препрати на Клиника за детски болести“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари