Од први јули, за 0,4 отсто ќе поскапи струјата за 88 отсто од домаќинставата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Новата цена е направена откако во вторникот беа донесени измените на Законот за енергетика, со кои се овозможи минамално зголемување на цената.
„За 88% од домаќинствата кои се во прв и втор блок цената на електричната енергија има корекција од 0,4%. За оние потрошувачи кои се во трет блок, а тоа се околу осум проценти од домаќинствата цената се зголемува за 0,48% и за четврт блок цената е зголемена за 0,57%. Клучно е сега универзалниот снабдувач да ја следи дадената регулаторна насока за оптимизирање на набавката на останатите 15 % за количини на електрична енергија што ЕСМ не ги понуди, и сега треба да се набават на слободен пазар“, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Тој вели дека треба да се бараат креативни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните и да се размислува кон откуп на струја од домашните капацитети од обновливи извори.
„Неопходно е да има конкуренција и да се искористи моментумот кога цената на струја на берзите е поволна“, рече Бислимоски.
А. АНТЕВСКА