ОД ТАЈВАН ДОАЃА НАЈГОЛЕМАТА ГРИНФИЛД ИНВЕСТИЦИЈА ДОСЕГА, ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ПРАВАТ ДЕЛОВИ ЗА „ТЕСЛА“ И „ЕПЛ“

    ОД ТАЈВАН ДОАЃА НАЈГОЛЕМАТА ГРИНФИЛД ИНВЕСТИЦИЈА ДОСЕГА, ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ПРАВАТ ДЕЛОВИ ЗА „ТЕСЛА“ И „ЕПЛ“Не треба да се стравува откај ќе најде Македонија 4.000 луѓе кадар, тајванската компанија ќе организира обуки за вработените. (Фото: Влада)

    Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), денеска во Тајван потпиша договор со менаџментот на конзорциумот „Јагео” за најголемата гринфилд инвестиција во Македонија досега, која ќе вработи 4.000 луѓе.

    Договорот за инвестицијата од Таипеи тежи 205 милиони евра.

    „Јагео” ќе произведува резервни делови за автомобилската индустрија, но и за зелена енергија.

    Производствените погони ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје 1 и во ТИРЗ Штип. Нивната изградба прво ќе почне во ТИРЗ Скопје 1, во јули. Ќе ги градат домашни градежни компании.

    „Со Северна Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција. Увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно. Ни излегуваше секогаш во пресрет и тука беше за секој наш проблем“, кажа Дејвид Ванг,извршниот директор на „Јагео”.

    „Наши приоритети се воведување нова технологија и јакнење на кадарот, овозможување вработените да стекнат нови вештини и да се усовршат“, најави обуки за вработените Андреа Мејер, шеф на оперативниот сегмент.

    Според Јован Деспотовски, до потпишувањето на договорот процесот не бил воопшто лесен.

    „Во конкуренција беа многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Но, ние успеавме во таа трка и ние сме денеска тука, на оваа маса, да потпишеме договор. Со оваа инвестиција стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како ‘Тесла’ и ‘Епл’, кажа тој.

    Деспотовски на прес-конференцијата во Таипеи рече дека компаниите во зоните вработуваат близу 17.000 лица, а влезот на „Јагео” ќе значи 30 отсто плус работна сила од оваа бројка. Церемонијата на потпишувањето се одржа во седиштето на „Јагео”.

    Во видео-конференциска врска се вклучи од Скопје и премиерот Димитар Ковачевски.

    „Јагео” има 40 илјади вработени во Азија, Европа и Америка. Електронските компоненти што ги произведува за автомобилите, се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал кондензатори, а се користат за: авионската и автомобилска индустрија, за 5G и телекомуникациите, за медицината, управувањето со енергија, со зелена енергија.

    Според Ковачевски, со новиот концепт на поттикнување инвестиции, ТИРЗ и Владата успеаја да ја стават Македонија високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни вложувања.

    „Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра. Имаме над 16 500 вработени во Зоните што е за над 10.000 работници, само од 2017 година досега. Во првиот квартал имаме речиси една милијарда евра извоз што е највисоко ниво во последниве пет години. Само лани компаниите во зоните достигнаа највисоко ниво на извоз од 3.7 милијарди евра на годишно ниво“, кажа Ковачевски.

    Делегацијата на Деспотовски утре ќе ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира