Од утре (28 април) полицискиот час ќе важи од 21 до 5 часот, а исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај за време на Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за Рамазан бајрам, одлучи денеска Владата. Новите мерки важат до 15 мај.
Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и од утре сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите и тоа до 20,30 часот, после што треба да бидат затворени. Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а останува забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично.
Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и досега. Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протоколот за отворање и работа на кафетериите, Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од ковид-19.
Согласно препораките на Комисијата, останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор, а дејноста може да ја вршат на отворен простор според соодветниот наменски протокол.