ОД УТРЕ ВО 21 ЧАСОТ ДО ПОНЕДЕЛНИК ПОЛИЦИСКИ ЧАС И ЗАБРАНЕТО ОДЕЊЕ НА ГРОБИШТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    ОД УТРЕ ВО 21 ЧАСОТ ДО ПОНЕДЕЛНИК ПОЛИЦИСКИ ЧАС И ЗАБРАНЕТО ОДЕЊЕ НА ГРОБИШТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАЦелосна забрана за движење во Скопје, Куманово, Липково, Тетово, Јегуновце, Желино и Боговиње се воведува од утре од 21 часот до понеделник до 5 часот(Фото: Ѓ. Личовски)

    Целосна забрана за движење во Скопје, Куманово, Липково, Тетово,  Штип, Јегуновце, Желино и Боговиње се воведува од утре од 21 часот до понеделник до 5 часот, одлучи Владата, а одлуката ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

    Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток од 21 часот до петок до 05 часот наутро, а во петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16 часот и трае до следниот ден до 05 часот наутро.

    Петок е неработен ден поради празникот Задушница, а Филипче кажа дека од утре во 21 часот до понеделник се забранува посета на гробиштата на територија на целата држава, освен во случај на погреби.

    „Анализите покажуваат дека имаме неколку локации низ земјата каде има раст на бројките на заболени кои се резултат на непочитување на пропишаните мерки. Оваа одлука е донесена заради спречување и ширење на заразата во овие локации, а и надвор од нив“, кажа Филипче.

    Тој апелираше до сите кои имаат влијание во јавноста дека, ако кога било во историјата на земјата било потребно единство, тоа е сега.

    „Уверен сум дека ако сите се заложиме, заедно ќе го надминеме и овој втор бран“, рече тој.

    Отстапките за од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

    Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

    Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.

    Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини.  Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира