ОД УТРЕ СЕ УКИНУВААТ КВОТИТЕ ЗА ЛЕКОВИ НА РЕЦЕПТ ВО ТУРИСТИЧКИТЕ МЕСТА ОХРИД, СТРУГА, ДОЈРАН, ГЕВГЕЛИЈА И РЕСЕН

    ОД УТРЕ СЕ УКИНУВААТ КВОТИТЕ ЗА ЛЕКОВИ НА РЕЦЕПТ ВО ТУРИСТИЧКИТЕ МЕСТА ОХРИД, СТРУГА, ДОЈРАН, ГЕВГЕЛИЈА И РЕСЕНВо летниот период поради наплив на туристи квотите на лекови во овие градови се трошат многу побрзо и жителите остануваат без потребната терапија. - Министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Во пет града и околните места од утре се укинуваат квотите за лекови на рецепт во аптеките. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека се укинуваaт квотите во туристичките места, односно во Охрид, Ресен, Дојран, Струга и Гевгелија за да излезат во пресрет и на жителите, но и на туристите. Тој кажа дека се години наназад во летниот период поради наплив на туристи квотите на лекови во овие градови се трошат многу побрзо и жителите остануваат без потребната терапија.

    „Ова е прв чекор во правец на укинување на квотите, што го најави премиерот, а ќе почне да важи на целата територија со оглед на динамиката и имплементацијата на контролните механизми што ги подготвува Фондот за здравствено осигурување и ќе се имплементира или во септември или во октомври. За ослободување на квотите не е потребна промена на закон, туку на правилник, кој што утрово го направи Фондот“, рече Филипче.

    Според него во туристичките места побрзо се трошат квотите, бидејќи има туристи кои таму одат на подолготраен престој и таму ги подигаат лековите.

    „Најчесто тоа се лекови за кардиоваскуларниот систем, излегуваме во пресрет на граѓаните и не очекуваме некоја поголема промена во зголемување на искористеноста на лекови“, рече Филипче.

    Тој кажа дека станува збор за комплексен механизам за контрола, односно дека ќе се следат рецептите на тој начин што од аптека ќе може да го подигне лично оној на кој е препишан, а дека се работи и на решение за оние што не се во состојба сами да ги подигнат лековите.

    На новинарско прашање до каде е истрагата за можните злоупотреби со лековите на рецепт, за кои премиерот рече дека постојат индиции, Филипче кажа дека анализата ја работат со Фондот за здравствено осигурување и дека во текот на септември и октомври ќе излезат со информации.

    Тој најави и дека до крајот на овој месец ќе се прошири и здравствената мрежа, со која ќе може да се вклучат сите аптеки кои немаат договор со Фондот за здравство, како и за нови специјалистички и стоматолошки ординации.

    „Со тоа ќе ги мотивираме младите лекари да останат во државата“, рече Филипче.

    E. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира