ОДГОВОРНОСТ ЗА ПОЛИЦАЈЦИТЕ КОИ ЗНАЕЛЕ ДЕКА УБИЕНИТЕ ЖЕНИ ОД КОЧАНИ И ОД КУМАНОВО ПРИЈАВИЛЕ НАСИЛСТВО, А НЕ ГИ ЗАШТИТИЛЕ, БАРА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

    ОДГОВОРНОСТ ЗА ПОЛИЦАЈЦИТЕ КОИ ЗНАЕЛЕ ДЕКА УБИЕНИТЕ ЖЕНИ ОД КОЧАНИ И ОД КУМАНОВО ПРИЈАВИЛЕ НАСИЛСТВО, А НЕ ГИ ЗАШТИТИЛЕ, БАРА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВАДвете убиства се случија за еден месец, а заедничко им е што жртвите пријавиле во полиција малтретирање и долгогодишно семејно насилство (Фото:СДК.МК)

    Итно да се почне со испитување на одговорноста на службените лица во врска со свирепото убиство на жената од Кочани со 42 убода од нож, како и со двојното убиство во Куманово кога маж ја уби сопругата и нејзината мајка, кои службени лица знаеле од претходно дека жените биле под континуирано насилство од убијците, бара Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права.

    Хелсиншкиот комитет бара да бидат казнети службените лица кои ги занемариле овие пријави од жртвите пред да настрадаат.

    Двете убиства се случија за еден месец, а заедничко им е што жртвите пријавиле во полиција малтретирање и долгогодишно семејно насилство.

    „Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната, или отсуство на имплементација на законите, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените кој најчесто се извршува од страна на маж. Жртвата е секогаш жена. Анализата на Националната мрежа покажа дека во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето анализирани случаи убиството е извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80% од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата. Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само 2% од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот“, вели Хелсиншки, според кого овие наоди се јасни индикатори за недоверба кон институциите и генерално недоверба во системот на заштита.

    Со неказнувањето и/или несоодветното казнување на сторителите на насилство им се праќа порака со која се одобрува нивното насилно однесување и тие се охрабруваат да продолжат да вршат насилство, предупредуваат оттаму.

    Завчера во Кочани Усеин Рашидов со 42 убода од нож ја уби Танкица Младеновска од Кочани, која претходно го пријавила во полиција за континуирана уцена и изнуда на пари. Полицијата и покрај ова сознание, воопшто не ја заштитила пријавителката. Напротив, му ја оставиле на Рашидов да прави што сака со неа.

    Вакво свирепо убиство се случи пред точно 30 години. Во јуни 1993 година Миле Хаџиски со 40 убоди од нож, ја усмрти девојка си Мери Јошевска. Успеа да побегне и да го нема цели 20 години.

    Во 2013 година тој беше екстрадиран од француските власти, откако таму бил уапсен под сомневање дека е член на познатата криминална група Пинк Пантер, но успеал и од таму да побегне, за на крајот повторно да биде уапсен екстрадиран во Македонија.

    Во 2015 година тој по стариот закон, доби казна од 20 години затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира