ОДЛУКАТА ЗА ДАТУМ СЕ ПОМЕСТИ ВО ОКТОМВРИ ОТИ СЀ УШТЕ НЕМА ОДЛУКА НА БУНДЕСТАГОТ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ГЕРБЕРИХ ВО СОБРАНИЕТО

    ОДЛУКАТА ЗА ДАТУМ СЕ ПОМЕСТИ ВО ОКТОМВРИ ОТИ СЀ УШТЕ НЕМА ОДЛУКА НА БУНДЕСТАГОТ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ГЕРБЕРИХ ВО СОБРАНИЕТО„Владата мора комплетно да се концентрира на реформскиот процес кој треба да понуди шанси и подобри животни услови за сите“, кажа Герберих. - Германскиот амбасадор Томас Герберхи (Фото: СДК.МК)

    Германскиот амбасадор во Скопје Томас Герберих вели дека прашањето веќе не гласи дали ЕУ ќе почне пристапни преговори со Северна Македонија, туку кога тоа ќе се случи и дека одлука за датум нема затоа што сѐ уште нема одлука од германскиот Бундестаг, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. На 18 јуни, министрите за надворешни работи на членките на ЕУ на состанокот во Луксембург се договорија повторно да се навратат на отворањето преговори со Северна Македонија во октомври. На 13 јуни, по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, премиерот Зоран Заев кажа дека оваа година ќе ги започнеме преговорите за членство со ЕУ, откако Меркел му рекла дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите.

    Националниот совет за евроинтеграции денеска расправаше за видувањата од Берлин и Париз околу долгорочната визија за европската интеграција на Северна Македонија.

    „Независно од политичките успеси и фактот дека значајни закони поминаа во парламентот со гласови од опозицијата, сега започнува тој напорен пат со отворање на поглавја. Никој не смее да биде оставен во процесот на интеграција, а тоа значи дека сега треба да се продлабочи реформскиот процес со цел секој граѓанин да види резултати. Сите делови од општеството, религиите, етничките групи мора да соработуваат за да може да се надмине постоечката поделба во општеството. Владата мора комплетно да се концентрира на реформскиот процес кој треба да понуди шанси и подобри животни услови за сите“, кажа Герберих.

    Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние вели дека поради политички дебати или политички маркетинг често се фокусираме на прашања со датуми, кои можеби не се толку од суштинско значење. Како што кажа тој, од суштинско значење е вистински спроведената работа, а тука постои најголема загриженост.

    „Наредните месеци до есента можат да служат како повод за да се испорачаат дополнителни докази за вашиот капацитет за реформите и корисно да ги отворите преговорите. Не можам да прифатам кога ми велат дека можат да се отворат преговорите, а потоа да траат како што е случај со други земји. Ние сме убедени дека вашето место е во ЕУ и повеќе инсистираме на добро организирана појдовна точка и почеток на преговорите, отколку да се отворат преговори кои се неопходни поради можеби политички маркетинг, туку сакаме на општеството да му испорачаме позитивни сигнали. Потребни ни се тие сигнали од ваша страна. Јасно е дека вам ви се потребни тие сигнали, но и кај нашето јавно мислење се потребни сигнали за да се докаже дека политичкото општество овде реално се менува и дека Западен Балкан нема да донесе со себе дополнителни потешкотии во еден систем во кој веќе има многу загрижености“, рече Тимоние.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира