Двете обвиненија на Специјалното јавно обвинителство за насилство во Општина Центар и за уништување на документација за прислушување се распределeни кај судиите од Кривичниот суд Татјана Михајлова и Лидија Петровска. Судиите ги добија предметите според електронскиот систем за распределба.
СЈО минатата недела на прес-конференција соопшти дека поднеле два обвинителни предлози. Едниот е против експремиерот Никола Груевски и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и за уште три лица како нарачатели на насилствата во Општина Центар, но и за уште девет лица како извршители на нарачаните кривични дела во јули 2013 година. Другиот е против ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски и шестмина вработени во Управата за фалсификување службени исправи, зашто противзаконски запалиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесувале на незаконското прислушување.
Датумите за судењата не се одредени. За двете кривични дела пропишана е затворска казна до пет години.