Контролите на вакцините МРП (морбили, рубеола, партотит) дистрибуирани во вакциналните пунктови и кај увозникот продолжува денес и утре, откако при вонредниот надзор што викендов го направи Министерството за здравство со Државниот санитарен и здравствен инспекорат и Агенцијата за лекови беа најдени пакувања вакцини со добар рок на траење, но со налепници на македонски јазик со изминат рок.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека е можно и одземање на лиценцата за работа на компанијата „Македонијалек“, која е увозник на вакцините од европскиот производител „Глаксо Смит Клајн“ и раскинување на сите договори со оваа компанија, доколку контролите покажат дека овој пропуст можел да се превенира. Тој рече дека ваков пропуст сериозно ги подрива нивните напори да се врати довербата во здравствениот систем и да ги убедат граѓаните во квалитетот на вакцините во услови кога е прогласена епидемија на мали сипаници.
„При вонредниот надзор, утврдивме дека вакцините се со добар квалитет и со добар рок на траење од еден ист производител ‘Глаксо Смит Клајн’ од кого со години се увезувала вакцината. Кај мал број од вакцините дистрибуирани во вакциналните пунктови, поточно кај еден отсто беа најдени налепници на кои стоеше постар датум на рокот на траење, а овие налепници се однесуваат на некоја постара серија на лек“, рече Филипче.
Вакви вакцини со налепници со постар датум најдени се во здравствените домови во Свети Николе, Велес, Демир Хисар и здравствената станица Железничар во Скопје.
Тој кажа дека при увоз на вакцините и од Министерството за здравство и од Агенцијата за лекови секоја серија на лек била испитана, по што компанијата добила дозвола од Министерството за увоз, а од Агенцијата за лекови добила дозвола за дистрибуција на вакцините. Налепниците на македонски јазик, како што рече Филипче, се ставени по добивање на овие одобренија.
„Ладниот ланец на увоз, траснпорт и испорака на вакцините е испочитуван. Ќе направиме контроли и во случајот како е извршен приемот на вакцините во вакциналните пунктови, и ги задолживме директорите на здравствените домови да дадат извештај како е направен приемот на вакцини со налепница со постар датум и резултатите ќе ги имаме во текот на денешниот и утрешниот ден“, рече Филипче.
Тој рече дека по направените контроли усно ја известиле компанијата, која и сама направила внатрешна контрола, и дека ќе го испитаат до крај случајот за да видат како дошло до овој пропуст.
„Како министер за здравство лично, но и во име на Министерството за здравство, ќе ги преземеме сите мерки кои се во рамки на сегашната правна регулатива да се справиме со ова, да укажеме и на производителот и ќе преземеме сѐ што треба се што може да докажеме дека сме сериозна власт и дека на прво место е здравјето на граѓаните, и нема да дозволиме со ништо да биде загрозено. Како што ние сме сериозни во надградување на нашиот здравствен систем, сакаме да имаме и такви сериозни партнери“, рече Филипче.
Од прогласување на епидемијата на мали сипаници во Скопје, досега на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 11 лица. Филипче рече дека денес 4 деца заминуваат дома, дека има прием на две деца, односно 18-месечно и четиригодишно дете. Меѓу новозаболените има и возрасни на 30 и 28 години.
„Едно од децата е од градинката ‘Фидани’ од Чаир, другото е од населбата Аеродром и тие не се вакцинирани. Од возрасните, едниот има само една доза на вакцината, а вториот е со непознат вакцинален статус“, рече Филипче.
По забраната за прием на невакцинирани деца во градинките во Скопје досега се вакцинирани 1.300 деца, а вакциналните пунктови и натаму ќе работат во две смени.
„Ќе го повторам апелот до граѓаните да ги вакцинираат децата, бидејќи тоа е единствениот начин да го запреме ширењето на болеста. Лани во целата земја се регистрирани 65 случаи на морбили, што не е мала бројка“, вели Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА