Министерството за труд и социјална политика ќе му препорача на Јавното претпријатие за државни патишта да го дополни огласот за времено вработување на инкасанти за патарините во кој ќе стои дека се повикуваат и телесните инвалиди да се јават на огласот за работа.
Огласот за вработување на определено време ЈП за државни патишта го распиша денес и ќе трае до 9-ти овој месец, а со него треба да се вработат 93 лица, од кои 74 како инкасанти на патарините. Овој оглас, како што вели директорот на ЈП за државни патипшта Китанов е распишан шпо скратена постапка, оти на 31 минатиот месец им завршиле договорите на 55 инкасанти, и доколку оделе со редовен оглас за вработување имало опасност патарините цел месец да останат без наплатувачи.
„Огласот за вработување на патарините е отворен и на него можат да се јават сите заинтересирани. Но, однапред не може да кажам дали ќе бидат вработени лица со телесен хендикеп или не и со кој степен на попреченост“, вели Китанов.
Од здруженијата за телесни инвалиди велат дека огласот ќе го препратат до сите свои членови и ако има некој заинтересиран да се јави на него. Но, лицата со попреченост се сомневаат дека нивните пријави ќе имаат предност при вработувањата. Тие велат дека пред околу пет до шест години барале од Владата да овозможи вработување на телесни инвалиди на патарините, но дека не добиле никаква поддршка.
„Ќе ги информираме нашите членови и ќе ги поттикнеме да се јават на конкурсот. Секое такво вработување на лицата со телесен инвалидитет е помош во нивна интеграција во општеството“, велат од движењето против хендикеп „Полио Плус“.
Министерката Мила Царовска вели дека ќе даде препорака до јавното претпријатие доколку е во можност да се дополни огласот, за да се повикаат телесните инвалиди да се јават на него. Таа кажа дека ја подржува секоја форма за помош на лицата со посебни потреби, и секој обид за нивна инкулузија и интеграција во општеството.
„Како ресорно министерство ги подржуваме сите заложби за интеграција на лицата со попреченост, и ќе дадеме препорака доколку постои можност лицата со телесен инвалидитет да бидат поттикнати да конкурираат за вработување“, рече Царовска.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека промоцијата на инклузија на лицата со попреченост не е во нивна надлежност, како што не се надлежни ниту за вработувањата на ЈП за државни патишта.
„Ние во овој дел немаме надлежност. Ако има генерален став на Влада дека треба да се поттикне и реализира ваква инклузија на лицата со телесен инвалидитет секако ќе ја поддржиме“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Е. БОЧВАРОСКА