ОХРАБРЕТЕ СЕ, БАРАЈТЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ, ВЕЛАТ ОД УЈП ПО ОТКРИВАЊЕТО НА ПАРАЛЕЛНИ КАСИ ВО КАФЕАНИТЕ

    ОХРАБРЕТЕ СЕ, БАРАЈТЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ, ВЕЛАТ ОД УЈП ПО ОТКРИВАЊЕТО НА ПАРАЛЕЛНИ КАСИ ВО КАФЕАНИТЕ„Прикривање на реално остварениот промет е недозволиво, посебно за реномирани угостителски објекти во строгиот центар на Скопје“ - Директорката Сања Лукаревска пред месец и половина најави неселективна борба против угостителските објекти кои користат паралели каси и не издаваат фискални сметки поврзани со системот на државата (Фото:УЈП)

    Управата за јавни приходи (УЈП) ги повикува граѓаните да бараат фискални сметки во кафулињата и рестораните. Ако не им бидат издадени, повикуваат случајот да го пријават кај нив, за да се стави крај на угостителите кои го изигруваат законот и на тој начин профитираат.

    „Кон почетокот на јули, новата директорка Сања Лукаревска најави борба против неплаќачите на данок. Апелиравме да сите угостителски објекти и хотели да издаваат фискални сметки оти имавме пријави дека користат паралелен систем кој не е врзан со системот на УЈП. Сметките кои се издаваат се компјутерски печатени и на тој начин се избегнува плаќањето данок, што според закон е кривично дело. Затоа, граѓаните имаат право да бараат да им биде дадена фискална сметка и ги охрабруваме доколку им бидат дадени компјутерски сметки, да инсистираат на фискални сметки“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Управата за јавни приходи.

    Од таму велат дека во изминатиов период извршени се контроли низ цела Македонија и изречени се казни на повеќе угостителски објекти кои не издавале фискални сметки, односно со тоа вршеле даночно затајување.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со соопштение ја обвини Управата за јавни приходи дека затворила два познати угостителски објекта во општина Аеродром затоа што СДСМ бил уплашен од успехот на општината, каде што локалната власт е на ВМРО-ДПМНЕ.

    Пред два месеца, директорката на УЈП Сања Лукаревска на прес – конференција најави неселективна борба против неплаќачите на данок.

    „Неплаќањето на данок е недопустливо, профитирање на штета на државната каса. Во овој краток период од спроведениот мониторинг утврдени се сериозни аномалии и неправилности особено во услужниот сектор. Прикривање на реално остварениот промет е недозволиво, посебно за реномирани угостителски објекти во строгиот центар на Скопје. Се обидуваат да го изигруваат законот и наместо нови ГПРС апарати, користат стари кои биле во примена пред воведување на ГПРС фискализацијата. Регистрирано е издавање на компјутерски сметки кои се печатат со обичен апарат, односно се  користи паралелен систем кој не е врзан за центалниот систем во УЈП и издаваат сметки кои се разликуваат од фискалните. Да им порачам на сите даночни обврзници дека УЈП ќе делува превентивно, но и праведно во собирање на данокот дури и во случаи кога тоа некој не сака да го направи“, рече пред месец и половина директорката Лукаревска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира