Пожарот на Галичица е еден од активните во земјава, кој гори од двете страни на планината. Охриѓани и туристите на социјалните мрежи кажуваат дека во градот многу мириса на чад, а од чадот не е јасен ниту видикот кон Галичица. Вечерва дува и силен ветер.
„Пожарот на Галичица се гасне цел ден со два воздухоплова и кон Стење-Лескоец на Преспанската страна и на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа. Сите воздухоплови имаат свои технички карактеристики, а летањето се одвива согласно посебно воспоставени воздухопловни процедури за гаснење на пожари на отворен простор како и шумски пожари“, велат од ЦУК.
Според последните податоци од Центарот за управување со кризи, до 19 часот беа регистрирани 37 пожари на отворен простор, од кои во 14 се активни, 5 се под контрола и 18 се изгаснати.
Поради високите температури, Владата на денешната седница одлучи дека мерките за превенција поради топлотниот бран ќе важат и за утре, 15 август. Тоа значи дека се препорачува ослободување од работни обврски за најралнивите групи на населението: бремените жени и лица на возраст над 60 години, како и работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Во градинките да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Б. НЕСТОРОСКА