ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА НЕ ОВОЗМОЖИЛА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА НА ПАЦИЕНТКАТА ОД СТРУГА ШТО ПОЧИНА ОД КОРОНАВИРУС, УТВРДИ ИНСПЕКТОРАТОТ

    ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА НЕ ОВОЗМОЖИЛА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА НА ПАЦИЕНТКАТА ОД СТРУГА ШТО ПОЧИНА ОД КОРОНАВИРУС, УТВРДИ ИНСПЕКТОРАТОТИнспекцискиот надзор сè уште трае, но од досега добиените информации утврдено е прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита на пациент, се однесува на здравствен работник кој бил дежурен во времето кога пациентката е донесена на преглед, рече директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) Иринка Сотирова-Бухова. (Фото: СДК.МК)

    Сè уште трае инспекцискиот надзор во Охридската општа болница, каде што не беше примена 66-годишната пациентка од Струга која потоа почина од коронавирус. Денеска треба да биде готов целиот извештај, но она што досега го потврдиле инспекторите е дека има прекршување во однос на неовозможување здравствена заштита на пациент, рече директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) Иринка Сотирова-Бухова. Таа кажа дека сè уште се земаат изјави од сите оние кои работеле тој ден или следниот ден
    на Инфективното одделение во болницата во Охрид.

    „Инспекцискиот надзор сè уште трае, но од досега добиените информации утврдено е прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита на пациент, се однесува на здравствен работник кој бил дежурен во времето кога пациентката е донесена на преглед. Точно е дека матичниот доктор има издадено упат. За сите други прашања ќе одговорам и ќе го информирам министерот во извештајот што ќе биде подготвен денеска, затоа што сè уште се земаат изјави од сите оние кои работеле тој или следниот ден на Инфективната болница во Охрид“, рече Сотирова-Бухова на прес-конференцијата во Владата.

    Таа кажа дека на Инфективното одделение во Охрид работат двајца специјалисти и двајца специјализанти и медицински персонал и оти одговорноста ќе се утврдува од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Инфективното одделение во овој момент работи.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција најави поради овој случај дека директорката на Охридската болница е разрешена, а денеска треба да биде именуван нов директор. Основното јавно обвинителство Охрид на 28 март отвори предмет по допрен глас за смртта на стружанката.

    „Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница. Но пациентката и покрај упатувањето, не е примена во болницата. Обвинителството ќе преземе дејствија во насока на расчистување на причинско последичната поврзаност и за утврдување на фактите за евентуално постоење на кривична одговорност“, соопшти тогаш Обвинителството.

    Пациентката почина утрото на 28 март. Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на 27 март. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок. Според епидемиолошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 март) биле на гости во тој град и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација. Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на 27 март. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатитена 27 март, пациентката не е примена во болница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира