ОКОЛУ 300 СКРИЕНИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ СО ДИРЕКТОРИ, КОЛИ И ОДБОРИ ЦИЦААТ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ, А НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ШТО РАБОТАТ

    ОКОЛУ 300 СКРИЕНИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ СО ДИРЕКТОРИ, КОЛИ И ОДБОРИ ЦИЦААТ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ, А НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ШТО РАБОТАТЗа да се оправда постоењето на овие институции за вдомување на партиски кадри, им се измислуваат имиња и категоризации. - Одмор во паркот Жена борец (Фото: СДК.МК)

    Војска административци се напикани во државни агенции и органи чии називи дури и тие што ги измислиле за да ги размножат како плева, не можат да ги прочитаат, а камоли да ги изговорат. Ретко кој знае што работат и дали одат на работа, а и тие што одат на работа, со нов предлог-закон би работеле 36, место 40 часа неделно, како обичните луѓе.

    Разгледувајќи го Буџетот на Република Северна Македонија, може да се види дека за сите има посебни ставки за пари. Приватниот сектор кој ги носи на грбот овие вработени во државни органи и агенции со чудни имиња, треба да знае кого сè храни.

    Одејќи низ Скопје, ќе се сретнат чудни табли со називи. Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Северна Македонија и Агенција за поддршка на претприемништвото, се само едни од десетиците измислени органи кои никнуваат како печурки со секоја наредна власт.

    Многу нè интересираше, на пример, што работат овие две агенции? Зошто за нивниот резултат од работењето никој не слушнал? До каде сме со нуклеарната централа? Двете се наоѓаат во просториите на старата Комерцијална банка во Скопје. Ние од САКАМДАКАЖАМ.МК застанавме во ходникот и чекавме три часа некој да влезе, или да излезе  од овие две врати. Никој не шушна, сенка не помина ниту од кај „нуклеарците“, ниту од кај „претприемачите“.

    Меѓу цицачите на државен буџет е и Агенцијата за иселеништво. Откако постои, иселени се меѓу 250.000 и 400.000 граѓани од Македонија. Доказ дека и овие вработени во агенцијата се кршат од работа, е што за македонски пасош наши граѓани кои живеат и работат во странство, чекаат и до една година. Отприлика 6 месеци дури да се пријават и дури дојде лаптопот со авион за да ги слика со него некој од амбасадите, и уште толку дури го добијат пасошот. А во меѓувреме да отсуствуваат од работа, да губат дневници и да добиваат откази и секако да прават енормни патни трошоци до амбасадите.

    Никој не знае од каква корист е таа Агенција за иселеништво и зошто, всушност, постои и добива пари од граѓаните, освен за поставување на партиски директор (најчесто од помалите коалициони партии за поткусурување).

    За да се оправда постоењето на овие институции за вдомување на партиски кадри, им се измислуваат имиња и категоризации. Дел се органи во состав на владата, дел на министерствата, дел се комисии, дел самостојни органи, дел инспекторати… Човек не може да се снајде кој за што е и зошто е, во која категорија спаѓа.

    Професорот од Правниот факултет Борче Давитковски. (архивска фотографија)

    На пример, постои Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а притоа има и Агенција за остварување на правата на заедниците.

    По донесувањето на Законот за употреба на јазиците, за една иста работа се измислиле експресно два органа со ист назив, само едниот се вика агенција, другиот инспекторат. Станува збор за Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РСМ и за Инспекторат за употреба на јазиците и за почеток, таму се вработени 21 лице со солиден буџет за 2021 година.

    Генерално за сите невидливи и сомнително корисни институции кои ги јадат парите на граѓаните, професорот Борче Давитковски од Катедрата за административно право и јавна администрација од Правниот факултет „Јустинијан Први“, вели дека се незаконски формирани. Спротивно на законот, од 13 инспекторати кои им се столбови на министерствата, со лекс специјалис закони последниве години се направени дури 32.

    „Имате инспекторати и со двајца вработени и директор. Инспекторати за јазик, агенции за храна, за спорт, за сешто. Сите се направени со закони лекс специјалис. Сè се тоа органи направени со мали закончиња. Не се со Законот за организација и начин на работата на органите на управа, како што се Трудовиот, Инспекторатот за образование и други, со сите нишани формирани“, вели професор Давитковски.

    Тој истакнува дека од 1.240 државни органи кои добиваат пари од Буџетот, за околу 250-300 никој не знае кои се, што се.

    „Овие околу 300 скриени органи имаат и Управни одбори, Надзорни одбори, директори, коли, пари, но никој не знае кај се. Никој не може да ги најде“, вели Давитковски.

    Иако инспекторатите во состав на министерствата, кои се наведени на официјалните нивни страници се во ред и се со сите нишани, што би рекол Давитковски, сепак и таму има тешки измислици и апсурди.

    На пример, под Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај многу важниот Државен инспекторат за животна средина, има дупликат кој се вика Служба за животна средина и уште почудна, Служба за просторен информативен систем.

    Не е поарно ни во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој покрај нормалните органи, има и два паралелизма: Управа за семе и семенски материјал и Управа за заштита на растенијата. Едната е за дел од растение, другата е за цело растение.

    Покрај овие институции, во земјава има околу 120 претпријатија во државна сопственост, управувани од централната власт или 81 единица на локалната власт. Во нив работат околу 8.600 луѓе. Нема јавно објавен регистар, ниту пак може да се најде комплетна информација за сите претпријатија во државна сопственост.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира