ОМБУДСМАНОТ И МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ГИ ПОВИКУВААТ НАСТАВНИЦИТЕ ДА ИЗДВОЈАТ ВРЕМЕ И ЗА ДЕЦАТА СО НЕТИПИЧЕН РАЗВОЈ

    ОМБУДСМАНОТ И МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ГИ ПОВИКУВААТ НАСТАВНИЦИТЕ ДА ИЗДВОЈАТ ВРЕМЕ И ЗА ДЕЦАТА СО НЕТИПИЧЕН РАЗВОЈ„Образованието не е само учење, тоа е можност за соработка, другарување, разбирање и почитување на другите, толеранција, но и ненасилно разрешување на конфликти. Голема е неговата улога во воспитанието и развојот на детето и во негово подготвување за справување со сите предизвици кои ги носи животот“, вели Народниот правобранител (Фото: МИА)

    Министерот за образование Арбер Адеми, во пораката за стартот на новата учебна година упати апел до наставниците на првиот воведен час со учениците да издвојат време за да им ја објаснат идејата за различноста и потребата да се прифатат сите различности.

    „Нека биде овој почеток на учебната година поинаков од сите претходни. Апелираме до наставниците на првиот воведен час со учениците да издвојат време за да го потенцираат богатството кое постои во нашето општество, односно идејата ‘да се биде различен – и да се прифатат различностите од кој било тип’. Бидејќи токму тие различности ќе нè направат сите подобри луѓе, целото општество подобро и ќе влијаат да изградиме образовен систем, кој ќе го препознае потенцијалот на секое дете – затоа што нашите деца се иднината на нашата Македонија“, вели министерот Адеми.

    Народниот правобранител Иџет Мемети, исто така, испрати порака до вработените во училиштата да ги прифатат сите деца и да им помогнат првиот училишен ден да го поминат во пријатно опкружување и секое дете да се чувствува добредојдено, безбедно и прифатено во училиштето, уверено дека во новата средина нема да биде оставено само на себе, туку дека ќе ја има потребната поддршка од наставнииот и друг кадар во училиштето.

    „Ги повикувам родителите, старателите, бабите и дедовците и другите блиски на детето да посветат што е можно повеќе внимание и разбирање на нивните деца – ученици, да поминуваат повеќе време со нив во уверување дека се тука секогаш за нив. Образованието не е само учење, тоа е можност за соработка, другарување, разбирање и почитување на другите, толеранција, но и ненасилно разрешување на конфликти. Голема е неговата улога во воспитанието и развојот на детето и во негово подготвување за справување со сите предизвици кои ги носи животот“, се вели во пораката од Одделот за заштита на правата на детето и лицата со попреченост од канцеларијата на Народниот правобранител.

    Овие пораки следеа по апелот на графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула, кој на социјалните мрежи упати јавна молба до министерот за образование во рамки на неговите ингеренции да побара од просветните работници на почетокот на школската година да одделат време и на учениците да им објаснат дека меѓу нив има и деца кои се различни и кои се со нетипичен развој. Оваа молба Кардула ја упати како родител на дете со нетипичен развој, неговата ќерка има аутизам, а тој е еден од најистакнатите активисти за кревање на свеста за еднакви права.

    „Просветни работници баш овој почеток на школската година да оделат барем неколку минути, и на своите ученици да им објаснат дека меѓу нив има ученици кои се различни, ученици кои се со нетипичен развој и дека сите ученици се подеднакво важни и дека иако се различни не се помалку вредни“, вели Кардула во јавното обраќање до министерот.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари