Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје беше домаќин на меѓународен семинар за артроскопска хирургија кој ги собра најголемите имиња од оваа хирургија во регионот. „Скопје артро фест“ е прв интернационален семинар за артроскопска хирургија во Македонија со операции пренесувани во живо.
Организатор на настанот е Артроскопската асоцијација на Македонија чиј претседател д-р Зоран Несторовски вели дека е голема чест што врвни експерти од регионот ја прифатија поканата да учествуваат со практична едукација во македонска државна болница со операции на рамен зглоб. Двете операции на рамо што од хирушките сали на ГОБ „8 Септември“, истовремено се пренесуваа на монитори во живо во хотелот „Александар Палас“ беа изведени со комбинирани медицински тимови од странските и нашите хирурзи.
„Голема чест е на едно место да собереш експерти за артроскопска хирургија како што се: професорот Никола Чичак – директор на најголемата приватна ортопедска болница во Хрватска ‘Акромион’ од Загреб, потоа др. Давид Мартинчич од Словенија, Кристос Кукос од Грција, Горан Вргоч од болницата ‘Свети дух’ од Загреб, професорот Срѓан Нинковиќ и колегата Новак Јовановиќ од Србија и многу други учесници експерти. Се надевам дека овој настан ќе прерасне во традиција“, вели Зоран Несторовски, претседател на асоцијацијата.
Дел од тимот што ги изведуваше операциите е д-р Ненад Петков, специјалист-ортопед во „8 Септември“. Тој вели дека со организацијата на овој семинар не само што помладите колеги имаа можност да учат од најпозантите имиња од ортопедската хирургија од регионот, туку „и ние покажавме дека не заостануваме ниту во стручноста, ниту во опременоста на салите за операција“.
С. К. ДЕЛЕВСКА