ОПЕРИРАНИ 10 ДЕЦА НА ТОВАР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ПО ПРЕМИНУВАЊЕТО НА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА ВО ПРИВАТНАТА БОЛНИЦА НА ЖАН МИТРЕВ

    ОПЕРИРАНИ 10 ДЕЦА НА ТОВАР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ПО ПРЕМИНУВАЊЕТО НА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА ВО ПРИВАТНАТА БОЛНИЦА НА ЖАН МИТРЕВМинистерот за здравство Венко Филипче кажа дека на косовскиот министер за здравство му понудил и децата од Косово да се оперираат во приватната болница на д-р Жан Митрев (Фото: СДК.МК)

    За два месеци оперирани се 5 бебиња и 5 деца над една година во приватната болница на д-р Жан Митрев, откако таму премина дел од тимот за детска кардиохирургија од Клиниката за детска хирургија, како дел од проектот на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување за развој на јавно-приватно-партнерство.

    Детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски рече дека шест деца оперирал заедно со д-р Жан Митрев, а четири се оперирани под супервизија на д-р Марсело Кардарели, кој беше еден од тимот американски едукатори кој го обучуваше тимот за детска кардиохирургија на Клиниката за детска хирургија во рамки на проектот, кој почна во 2013 година.

    „За овие два месеци опериравме десет деца, а две кои ни ги донесоа беа неоперабилни и починаа. Тие беа во лоша состојба и лекување во странство немаше да помогне“, рече Чадиковски.

    На Клиниката за детска хирургија годишно се изведуваа педесетина кардиохируршки операции на деца.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека со овој проект за јавно-приватно партнерство децата со најтешките вродени маани добиваат интегриран тип на услуги, односно добри услови на работа и спојување на знаењето што го имаат докторите од приватното и јавното здравство, а дека оствaриле и заштеда со тоа што веќе не ги плаќаат странските експерти. Тој кажа дека на косовскиот министер за здравство му понудил овде да ги носат децата што имаат потреба од вакви операции, место да ги праќаат во САД и други држави и дека чекаат одговор од нив.

    „Сакаме да ги отвориме вратите за влез на приватниот капитал и на тој начин да ги надградиме условите, тие да се подобрат. Тенденцијата не е да се затвораат болниците, туку да се надградат и осовременат и да дадат здравствени услуги кои граѓаните ги заслужуваат. Ќе правиме се да ги зголемиме инвестициите во здравството, квалитетот на здравствената услуга и пристапот не само по моделот на јавно-приватно партнерство, туку и преку законските измени кои ги правиме за вкупниот број доктори од различни сфери да биде достапен за сите граѓани“, рече Филипче.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев кажа дека годишниот буџет за детска кардиохирургија е 65 милиони денари, колку што Фондот одвојувал и на Клиниката за детска кардиохирургија и дека операциите се плаќаат согласно дијагностички сродните групи како и во јавните здравствени установи. Тој кажа дека проширен е веќе постоечкиот договор со оваа приватна болница, каде и досега ФЗОМ плаќал здравствени услуги. Според него државата веќе нема да троши пари за лекување во странство, бидејќи сите деца тука ќе се оперираат.

    „На сите приватни установи им ги продолживме договорите на шест месеци и потоа ќе изготвиме нови договори, кои ќе бидат петгодишни. Буџетот на Фондот се одредува на годишно ниво и не очекувам дека ќе има промена на цените за дијагностичко сродните групи“, рече Дончев.

    Д-р Жан Митрев кажа дека досега приватното и јавното здравство се гледале како конкуренција, а не како партнери и дека од следниот месец во клиниката ќе работи докторка по анестезиологија, која се враќа од Кувајт, а дека преговараат и со други наши доктори од Германија да се вратат и да работат во болницата. Тој кажа дека и претходно имале договор со ФЗОМ за операции на деца, но на деца до 10 килограми, а сега практично развиваат и неонатална кардиохирургија.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира