ОПОЗИЦИЈАТА ДА БИДЕ РАЗУМНА И ДА НЕ ГО БЛОКИРА СОБРАНИЕТО ОТИ ТРЕБА ДА ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, КАЖА ЗАЕВ

    ОПОЗИЦИЈАТА ДА БИДЕ РАЗУМНА И ДА НЕ ГО БЛОКИРА СОБРАНИЕТО ОТИ ТРЕБА ДА ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, КАЖА ЗАЕВПремиерот Заев пред Основниот суд Скопје 1 по денешното одложеното рочиште за судскиот процес за предметот „Поткуп“. (Фото: М. Златевска)

    Премиерот Зоран Заев очекува опозицијата да биде разумна во врска со поднесените над 30 илјади амандмани за Законот за употреба на јазиците и да не го блокира Собранието сега кога Македонија има шанси да добие препорака за почнување на преговорите за членство во ЕУ во јуни.

    „Јас сум Зоран Заев и се борев за враќање на демократијата во Македонија. Еве ја демократијата и јас го почитувам правото на опозицијата да ги користи сите демократски права и начини на постапување во законодавниот дом и насекаде. Мене ме загрижува што ќе се случи со реформите кои се битен услов за добивање препорака за Македонија сега во вакви услови кога ќе се блокира работата на Собранието со поднесените амандмани за Законот за употреба на јазиците. Во принцип, јас поддржувам широка дебата за сè, па така и за овој закон. Се надевам дека на координацијата, парламентарните партии ќе се договорат согласно Деловникот како ќе се одвива работата на Собранието по поднесените илјадници амандмани.“, рече Заев пред Основниот суд Скопје 1 по денешното одложеното рочиште за судскиот процес за предметот „Поткуп“ поради недоаѓање на обвинителот Владимир Милошевски.

    Судењето е вратено по вторпат на одлучување во Кривичниот суд, откако Апелацискиот суд Скопје го укина решението на судијката Дијана Илиевска Груевска да важат ПИ мерките јавно објавени на Јутјуб и во медимите за наводно барање поткуп од струмички бизнисмен. Судијката Груевска Илиевска повеќе не е на овој случај со новиот распоред од претседателот на судот Иван Џолев и овој предмет електронски е распределен кај судијата Дарко Тодоровски од Одделот за организиран криминал. Тој најави дека никогаш неповиканиот сведок, струмичкиот бизнисмен Иван Николов, кому наводно Заев му барал поткуп за следното рочиште ќе биде поканет

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира