ОПОЗИЦИЈАТА ЛУТА ОТИ ГЕОРГИЕВСКА ДЕНЕС НЕ Ѝ ДАВА ЗБОР НА ПРАТЕНИЧКАТА СТАМЕНКОВСКА, КОЈА ПО 10 ЧАСА ГОВОР ЗА ЈОВЕСКИ ОТИДЕ ВО ТОАЛЕТ И КОМИСИЈАТА ЈА ПРЕКИНА СЕДНИЦАТА

    ОПОЗИЦИЈАТА ЛУТА ОТИ ГЕОРГИЕВСКА ДЕНЕС НЕ Ѝ ДАВА ЗБОР НА ПРАТЕНИЧКАТА СТАМЕНКОВСКА, КОЈА ПО 10 ЧАСА ГОВОР ЗА ЈОВЕСКИ ОТИДЕ ВО ТОАЛЕТ И КОМИСИЈАТА ЈА ПРЕКИНА СЕДНИЦАТАДенеска, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ викаа по Георгиевска да ѝ дозволи на Стаменковска уште да збори зошто Јовески не требало да биде избран за уставен судија. (Фото: СДК.МК)

    Членовите на собраниската Комисија за избори и именувања од ВМРО-ДПМНЕ денеска викаа на цел глас зошто ѝ е ускратена можноста на нивната колешка пратеничка Бети Стаменковска-Трајковска, по 10 часа зборување на претходната седница зошто не требало да биде избран Љубомир Јовески за уставен судија, денеска да не може да продолжи да зборува на неодреден број часови и денови. Комисијата е всушност блокирана, токму кај последниот кандидат за уставен судија, Државниот обвинител Јовески.

    За дискусија се пријавени дури 18 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со неограничени часови и денови за дискусија. Плус, како и на денешната седница која воопшто и не почна поради кавги и викотници, постојано членовите од опозицијата бараат процедурални настапи и говори.

    Кавгата, поради која претседателката на Комисијата Марија Георгиевска даде пауза, денеска беше поради тоа што таа не ѝ дозволува на пратеничката Стаменковска да продолжи по 10-часовниот говор што го имала на претходната седница, а кој го прекинала истрчувајќи од говорницата да оди во тоалет. Бидејќи говорничката изненадно ја напуштила говорницата во комисиската сала, Георгиевска ја прекинала седницата.

    Денеска, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ викаа по Георгиевска да ѝ дозволи на Стаменковска уште да збори за Јовески.

    „Па колешката имаше природна потреба, мораше да оди. Нејзиниот говор не е завршен, вие ѝ го ускратувате правото“, викаа на цел глас нејзините сопартијци во Комисијата.

    Георгиевска рече да внимаваат на тешките зборови кон неа. Рече дека Стаменковска едноставно ја напуштила говорницата, а таа како претседателка тоа го констатирала и ја затворила дискусијата за тој ден.

    За збор за кандидатот Јовески се пријавиле уште 18 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќето не се членови на оваа комисија, но имаат право да се пријават. Секој има право да зборува неограничено, што значи дека до Нова Година тешко дека ќе се изгласаат уставните судии. Секој од пријавените може да беседи со денови.

    За потсетување, Уставниот суд функционира само со 5 судии, 4 се одамна в пензија, а во Парламентот изборот на нови уставни судии е блокиран како никогаш досега.

    Исто така, околу Нова Година во пензија заминува уште и судијата Вангелина Маркудова, кога и конечно преостанатите 4 уставни судии ќе стават клуч на врата на највисокиот суд, единствената институција која треба да го штити Уставот и уставно загарантираните права на граѓаните.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира