Општините Арачиново, Гостивар и Свети Николе најмногу отстапиле од мерките на Владата за заштеда на електрична енергија, кажа денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој денеска ја презентираше анализата за заштеда на електрична енергија во септември споредено со истиот месец минатата година од страна на сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија, според која што е остварена вкупна заштеда од 20 отсто на потрошувачката на електрична енергија.
„Согласно анализата општините кои имаа препорака за заштеда на електрична енергија вкупно за 29% ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во септември, споредено со истиот месец претходната година. Притоа од 81 општина, 25 не постигнале заштеда од 15%, а останатите 56 општини успеале да направат заштеда на електрична енергија поголема од 15% Најмногу отстапуваат Арачиново, Гостивар и Свети Николе. Останатите што не ја постигнале заштедата од 15% се во ранг од -14%до +13%“, кажа Бектеши.
Мерките на Владата почнаа да се применуваат од 1 септември и сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија беа задолжени да остварат заштеди во потрошувачката на електрична енергија за 15% на месечно ниво, започнувајќи од 1 септември 2022 година заклучно со 31 март 2023 година, споредено со истиот месец од претходната календарска година.
Како што кажа Бектеши, согласно податоците, заштедата на електрична енергија во зградата на Владата е 25%, кај Министерство за внатрешни работи 21%, Министерство за култура 40 %, Министерството за образование 35%, Министерство за политички систем 22%, Министерство за транспорт и врски 30%, Министерство за труд и социјална политика 36%, Министерство за финансии 32%, Министерство за економија 30%.
Од друга страна, рече министерот, најмала заштеда е направено во административната зграда на Министерството за здравство од 2%, по што следат Министерството за надворешни работи од 8% заштеда и Министерството за одбрана од 8% заштеда.
Анализата на потрошувачката на електрична енергија покажува дека заштедата кај претпријатијата во државна сопственост изнесува 8%, а опфатени се вкупно 17 државни компании.
„Овие податоци за заштеда на електрична енергија покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме беспотребно електрична енергија може да се направат големи заштеди. Доколку сите дадеме максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, секој со свој личен влог може да помогне полесно и со најмали можни последици да се справиме со оваа енергетска криза. Сакам да апелирам до сите дека состојбата во енергетскиот сектор, не само во Северна Македонија туку и во цела Европа не е шега, и секој степен помалку е заштеда од околу 5% на енергенсите. Грејната сезона започна и треба сите ние во наредниот период малку да се фокусираме на штедење и начините како да го направиме тоа. Една мала промена на секојдневните навики може да направи голема разлика“, вели Бектеши.