ОПШТИНИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА ОТИ ИМ ТРЕБААТ ЗА ОПРЕМА И ПРОСТОР, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА

    ОПШТИНИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА ОТИ ИМ ТРЕБААТ ЗА ОПРЕМА И ПРОСТОР, РЕЧЕ ЈАНЕВСКАМилер, Јаневска и Нацева на денешната прес-конференција за новата методологија. (Фото: МОН)

    Општините ќе добиваат пари од Владата за основното и средното образование според нова методологија, која ја усвои Владата, чија примена почнува од 1 јануари кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    Методологијата ја изработи Министерството за образование и наука со поддршка на УНИЦЕФ, Светска банка, Швајцарската амбасада, здружението ЗМАИ, Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и локалните самоуправи.

    Јаневска на денешната прес-конференција рече дека промената на формулите за пресметка на блок-дотациите била неопходна, од причина што постојните не обезбедуваат ефикасност во финансирањето.

    „Во моментов, дури 90% од средствата кои ги добиваат општините се користат за исплата на плати и режиски трошоци на училиштата, што е значително над просекот во ЕУ каде изнесува 70%. Блок дотациите растат, но најчесто само за да се покрие растот на платите, а не и за развој на училиштата и за подобрување на квалитетот на наставата“, кажа таа.

    Според министерката, новата формула за финансирање на основното образование има две компоненти – основна и варијабилна.

    Основната ќе го покрива стандардизираниот трошок по ученик, кој утврдивме дека изнесува 112.747 денари на годишно ниво. Тука влегуваат платите и придонесите на вработените, нивното стручно усовршување и режиските трошоци на училиштето. Оваа компонента го зема предвид степенот на развој на училиштата што е пресметан со коефициент во вредност од 0,75 до 2,55. Така што, поразвиените училишта ќе добиваат помал, а помалку развиените училишта согласно пропишаниот норматив за простории и опрема, ќе добиваат поголем износ, за да се забрза нивниот развој. Варијабилната компонента ја сочинуваат трошоците за превоз на ученици, поддршка за ученици со посебни образовни потреби, за учениците кои следат настава на турски, босански и српски и за ученици кои следат настава во подрачни училишта.

    „Откако ќе ја префрлиме блок дотацијата на општините, општините ја прават распределбата по училиштата според нивните согледувања што генерално и не е лош принцип. Ние сега ќе го подобриме тоа. Зошто, затоа што 90 проценти, некаде и 98 проценти од блок дотациите одеа за плата. Многу пати сум кажала, дека бројот на ученици се намалува, треба да се направи оптимизација на училиштата, и ќе се фокусираме на училиштата каде ќе се потрошат тие средства. Обезбедивме да не е намалувањето поголемо од 5 проценти во тој преоден период. Суштината е,  во средно образование нема да се скрати од гимназиско за да се даде на стручно, туку стручните лица направија анализа дека одредени сектори, како на пример право и економија помалку имаат потреба од простор, од опрема, додека машинскиве струки, и земјоделство, медицина имаат повеќе потреба и од простор и од инструменти и потрошни материјали. На тие стручни училишта треба и праведно е да им се дадат малку повеќе средства и да го одржат квалитетот. Оние што трошат малку, тие немаат потреба да добиваат дополнителни средства“, кажа Јаневска.

    Формулата за пресметка на блок дотации за средното образование, исто така ќе го покрива основниот трошок по ученик со сите компоненти за плати, придонеси и режиски трошоци. Овој трошок по ученик е утврдено дека изнесува 103.589 денари за цела година.

    Министерката рече дека основниот трошок по ученик се множи со вкупниот број на ученици во гимназиско образование, а за средното стручно образование се множи со број на ученици во средно стручно и со множителите за одделните групи сектори, што значи дека поголем износ ќе добиваат училиштата кои нудат дефицитарни струки и области, во кои постои потенцијал за развој како – земјоделска, машинска, електронтехничка, сообраќајна и ветеринарна. Варијабилниот трошок пак, зависи од учениците со посебни образовни потреби и оние кои следат настава на турски и српски наставен јазик.

    „Со новите формули за пресметка на средства за општините, државата одговори на една од обврските во Планот за раст на Западен Балкан, со што, се отвораат нови фондови и зголемена поддршка од ЕУ за квалитетно образование“, додаде таа.

    Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер рече дека оваа реформа претставува стратешки пресврт кон градење на поефикасен и поинклузивен образовен систем.

    „Новата методологија ќе им помогне на училиштата подобро да одговорат на различните потреби на учениците преку дополнителна поддршка за вклучување на децата со посебни образовни потреби, оние што учат на јазиците на помалите етнички заедници и оние што потекнуваат од социјално ранливи семејства“, рече Милер, додавајќи дека новиот начин на пресметка и распределба на блок дотации ќе им помогне на општините и побрзо да ја оптимизираат училишната мрежа и да воведат едносменска настава.

    Според Бојана Нацева, виш специјалист за образование на Светска банка, со јасни критериуми и правила, секоја општина ќе може да ги распредели средствата до општинските училишта, што ја зголемува довербата во образовниот систем и ги мотивира училиштата да работат поефикасно.

    За примена на новата методологија, ќе следат обуки за општинските администрации и вработените во училиштата, а за училиштата предвиден е и период на прилагодување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира