Потребно е да се унапреди свеста за органодарителството, не само преку Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, туку и од невладиниот сектор и медиумите, се заклучоците од вчерашната панел дискусија на тема „Органодарителство – состојба и предизвици“, во организација на сопругата на претседателот д-р Елизабета Ѓоргиевска, соопшти Министерството за здравство.
„Ако 70 години се дарува крв и сега немаме проблем со крводарителството и со обезбедувањето крв за клиниките, ајде да почнеме да разговараме и за органодарителството, за можноста, за она што ние често пати знаеме да го кажеме – со една трансплантација на срце, ние пациентите од ‘Храбро срце’, што сме со механичка поддршка, можеме да станеме како вас, да живееме нормален живот. Но, треба да сфатите дека сите вие во истиот момент можете да бидете на моето место. Тогаш, кога ќе почнеме вака да размислуваме, да разговараме отворено за овие работи, ќе можеме да разговараме и за успешни органодарителски акции“, рече Данијел Тодоровски, претседател на Националното здружението „Храбро срце“.
Душко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ апелираше трансплантацијата во државата да се одвива со уште позасилено темпо и на пациентите на дијализа што побрзо да им се овозможи трансплантација на бубрег.
Според министерот за здравство Венко Филипче, трансплантацијата е сфера која секогаш носи предизвици, бидејќи се изведува со мултисекторски и мултидисциплинарен пристап, а подигнувањето на јавната свест за органодонорство е можна само преку отворен пристап, преку споделување на информации, како и со споделување на успешните приказни.
Доктор Маја Мојсова-Мијовска, Национален координатор за трансплантација, кажа дека органодарителството е општо прифатена и успешна метода на лечење, што го продолжува животот, го подобрува неговиот квалитет и е економски исплатлива, бидејќи, како што нагласи, чини многу помалку од сите други методи на одржување во живот на пациентите.
Д-р Ѓоргиевска истакна дека во исклучително тешки услови, кога фокусот на македонскиот здравствен систем е насочен во борбата со пандемијата на ковид-19, во земјава за првпат беше изведена трансплатација на срце, а се извршија и десет трансплантации на бубрези.
На настанот, на кој присуствуваше претседателот Стево Пендаровски и студенти, членови на Македонската медицинска студентска асоцијација и Здружението на студенти по медицина, меѓу говорниците беше Маре Кежароска, којашто пред две години заедно со својот брат, дала согласност да бидат донирани двата бубрези на нивната починатата мајка.
„Тешко е сознанието дека за твојот близок повеќе нема никаква надеж. Одлуката да донираш орган од твој близок, за којшто повеќе нема спас, воопшто не е тешка, затоа што знаете дека со сето тоа вие на некој му подарувате шанса за живот“, рече Кежароска.
Васил Огњановски, син на Иван Огњановски, на кого му беше трансплантирано срце во мај, на панел дискусијата истакна дека свеста за органодарителството треба да биде на повисоко ниво и повеќе да не претставува табу тема. Како што рече Огњановски, очекува што повеќе луѓе да го следат хуманиот гест на семејството на починатата Емилија Динева.
„Можам да кажам дека семејството Диневи не го чувствувам како семејство кое донирало орган, туку чувствувам како јас да сум роден во тоа семејство. Комуницираме речиси секој ден. Имав можност летото да го поминам кај нив. Тоа беше момент преполн со емоции на тага и на среќа. Немам зборови како да го опишам тоа. Благодарен сум на Господ што ми даде шанса да имам уште еден брат, уште една сестра, а можам да кажам дека и нивниот татко го чувствувам како свој втор татко“, рече Огњановски.
На панел-дискусијата, д-р Сашо Дохчев, шеф на тимот за трансплантација на Клиниката за урологија посочи на потребата за поддршка од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, но и од невладиниот сектор и медиумите за да се нагласи значењето на органодарителството и да се покрене свеста кај луѓето.
Презентација на панел-дискусијата имаше и д-р Сашко Јовев, кардиохирург, предводник на тимот којшто ја изврши првата трансплантација на срце во нашата држава, истакнувајќи дека тоа било резултат на неколку годишна подготовка и стекнатото дотогашно искуство.
Своите искуства пред гостите ги сподели и д-р Кристијан Бундовски, специјализант по васкуларна хирургија, којшто беше дел од тимот што ја изврши првата трансплантација на срце, нарекувајќи ја ноќ што испиша историја во македонското здравство и утро коешто, за време на пандемијата, во целата држава внесе надеж.
„Нашата клиника буквално во секој момент е подготвена да направи трансплантација, за што треба сите да бидеме горди, бидејќи тоа покажува дека само со поставена цел и со макотрпна работа можеме да постигнеме многу повеќе од она што се поклонуваме пред Хипократ“, рече Бундовски.