ОРЦЕ КАМЧЕВ ОД ВЧЕРА Е ВО ЗАТВОРОТ ВО СТРУГА, А НЕНАД ЈОСИФОВИЌ ОД ПРЕД ЕДНА НЕДЕЛА, ЗА ЕДНОГОДИШНИТЕ КАЗНИ ЗА „ИМПЕРИЈА“

    ОРЦЕ КАМЧЕВ ОД ВЧЕРА Е ВО ЗАТВОРОТ ВО СТРУГА, А НЕНАД ЈОСИФОВИЌ ОД ПРЕД ЕДНА НЕДЕЛА, ЗА ЕДНОГОДИШНИТЕ КАЗНИ ЗА „ИМПЕРИЈА“Камчев и Јосифовиќ на 10 мај ја сменија адресата на живеење од Скопје во Охрид, за да може да ги лежат казните во Струга каде што условите за преноќување се најдобри од сите затвори во државата. (Фото: СДК.МК)

    Осудениот во предметот „Империја“ Јордан Камчев од вчера (први јули) е во отвореното одделение во затворот во Струга, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од официјални извори. Камчев е на отслужувањето на едногодишната затворска казна за предметот „Империја“ за кој во фаза на истрага призна вина.

    Вториот осомничен Ненад Јосифовиќ, кој исто така призна дека е виновен и како Камчев се спогоди со обвинителството за организиран криминал, во истиот затвор е веќе од пред една недела.

    Двајцата на 10 мај ја сменија адресата на живеење од Скопје во Охрид, за да може да ги лежат казните во Струга каде што условите за преноќување се најдобри од сите затвори во државата. Отворен или полуотворен тип на затворска установа подразбира само спиење во неа.

    Обајцата ќе бидат таму, всушност, по 8 месеци секој.

    По признавањето вина Камчев и Јосифовиќ беа осудени на по една година затвор, во која се одбиваат 4 месеци поминати во притвор.

    Камчев го врати затаениот данок од 5,2 милиона евра на сметката на УЈП, а според пресудата, дополнително тој и Јосифовиќ требаше да ѝ исплатат на физичко лице 1,7 милиони евра стекнати со измама.

    Во Струшкиот затвор е и третоосудениот во „Рекет“ Зоран Милевски-Кичеец кој призна вина. Камчев ја повлече тужбата против него со која бара поврат на пари од случајот „Рекет“, одлучи да ги тужи само Бојан Јовановски и Катица Јанева, граѓанска парница која е во тек во Скопје.

    Обвинението за „Империја“ уште не е поднесено, зашто како што беше најавено, таму и други осомничени сакале да признаат вина и да се спогодат за помали казни.

    Истрагата „Империја“ беше отворена во 2018 за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Првоосомничени се Камчев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, а осомничени се уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески.

    Камчев е неправосилно осуден на една година затвор и во случајот „Плацеви на Водно“, за помагање во перење пари во врска со нелегалните плацеви на тогашниот премиер Никола Груевски. Јосифовиќ за помагање, во истиот предмет доби условна казна откако и тој призна вина.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира