ОРЦЕ МУ СЕ ЖАЛИ НА БОКИ ДЕКА БРАТОТ НА ЖЕНА МУ Е ОСОМНИЧЕН ВО ИСТРАГА ЗА ПРОПАЃАЊЕТО НА МПМ, СЕ СЛУША ВО СНИМКА НА „РЕКЕТ“

    ОРЦЕ МУ СЕ ЖАЛИ НА БОКИ ДЕКА БРАТОТ НА ЖЕНА МУ Е ОСОМНИЧЕН ВО ИСТРАГА ЗА ПРОПАЃАЊЕТО НА МПМ, СЕ СЛУША ВО СНИМКА НА „РЕКЕТ“Орце Камчев со сопругата Ана на прослава на 20 години „Дајнерс“ во септември 2014 година во тогаш штотуку отворениот МНТ (Фото: О. Теофиловски за Вест)

    На рочиштето за „Рекет“ денеска беа пуштени приватни разговори со обвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 што ги снимал осомничениот во „Империја“ Орце Камчев.

    Во еден од разговорите меѓу Орце Камчев и Бојан Јовановски се уфрлува и Катица Јанева. По сугестија од Катица, на која ѝ се слуша гласот, Боки му кажува дека тоа е само увид. Зборуваат дека тоа е потребно за да се спакува спогодбата за признавање на вина во истрагата за „Империја“ против Камчев комплет, сосе таа за МПМ и Графички центар, фирми што Камчев ги банкротираше, а се во истата оваа истрага.

    Јанева се уфрла и тука му гарантира на осомничениот Камчев дека обвинителката Лиле Стефанова не може ништо да прави без нејзин потпис.

    Потоа следи нареден телефонски разговор:

    „Ми дојдоа осум души од Графички центар и други. И на Ана брат ѝ е осомничен“, реагира Камчев кај Боки.

    Боки пак му кажува како ќе се одвива постапката, сè до враќањето на пасошот, ја спомнува пак спогодбата со СЈО за да се запре истрагата, а Јанева пак се уфрла: „Не се секирај, се ќе биде ок“.

    Во друг разговор, Камчев му вика: „Боки кажи, шефе за ова треба волку, за ова толку, да си знам, да си планирам. Кажи ја сумата“, како доказ дека подоцна зел пари од него за да го спасува од „Империја“.

    Одбраната на Јовановски реагираше дека од разговорот не може да се утврди кој со кого разговара и оти ова е самоиницијативна интерпретација на обвинителката Вилма Русковска.

    „Апелација ќе ве одбие, Катица нема да употреби правни лекови, ќе одолговлекува. Во вторник ќе ве ослободи Врховниот суд“, му кажува Боки на Орце. Се уфрлува и неговата сопруга Ана Камчева.

    Боки со половично познавање на правната терминологија му кажува на соговорникот Камчев дека и пасош ќе му биде даден.

    Потоа Боки ѝ се јавува на Катица, ја известува дека имал конструктивен и целисходен разговор со Камчев.

    Следуваше видеоснимка од броење девизи во апоени од по 100, 200 и 500 евра внатре во куќата на сведокот и пријавувачот на рекетот Орце Камчев.

    „Овде станува збор за флагрантно лепење на снимки и груба монтажа. Јас доаѓам од телевизија и шоу бизнис, па знам како се прави тоа“, реагираше Јовановски.

    Како и за останатите аудио и видеоснимки, нема ни датум ни телефонски броеви, па не може да се поврзе кога точно тие разговори биле снимени од страна на Камчев.

    Продолжува пуштањето на нелегално снимените разговори што ги снимил Камчев и се дел од „Рекет“. Досега пуштените снимки се истите што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ во август минатата година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира