Полицаецот Игор Марков, кој лани пролетта смртно ја рани мигрантката Фатмата Камара додека со уште тројца мигранти се обидувала да влезе во Македонија кај Гевгелија, е ослободен од обвинение.
Кај него, по изведените докази и сведочења, советот предводен од судијата Ненад Савески од Кривичниот суд Скопје, не најде кривично дело. Марков пиштолот што го извадил додека бил нападнат од едниот од криумчарите, за кој се води посебна постапка за напад на службено лице.
Фатмата Мансараи Камара од Сиера Леоне седела зад совозачкото седиште на криумчарите. Вкупно во тоа возило биле четворица мигранти.
„Надежта за подобар живот била водилката за да се впуштат во една ваква цел полна со неизвесност. Судот изразува сочувство до присутниот сопруг Кабубака Камара и на семејството на 23-годишната Фатмата. Ова судење беше многу емотивно. Загубата на изгубениот не може ништо да ја компензира, но Судот одлуките ги носи врз основа на Уставот и законот и врз база на поднесените докази”, кажа судијата Савески.
„Оттаму, Игор Марков од Негорци се ослободува од обвинение”, ја соопшти судијата својата одлука.
Обвинетиот не беше на соопштување на пресудата. Тој од Обвинителството за организиран криминал беше обвинет за дело „Тешки дела против општата сигурност“, за што е предвидена минимална казна од една до 10 години затвор.
Инцидентот се случи рано наутро на 19 април април оваа година во местото Стара касарна кај Гевгелија. При рација за спречување на криумчарење мигранти, полицајците затекнале двајца криумчари и повеќе мигранти. Обвинетиот инспектор го извадил пиштолот и со викање ги предупредувал присутните да застанат. Еден од криумчарите, пак, му се свртел ненадејно и се обидел да му го земе пиштолот, по што почнале да се борат.
Обвинителството смета дека полицаецот не требало да се впушти во борба со криумчарот и затоа го обвини Марков. При борењето едниот од криумчарите го фатил Марков во вратот. При борењето пиштолот истрелал и фатално ја погодил Фатмата која била во автомобилот на криумчарите.
Криумчарите по признание на вина за дело „Криумчарење на мигранти“, беа осудени на по една година затвор.
Судијата посочи дека во овој трагичен случај нема кривично дело. Странките ги упати на правото на жалба пред повисокиот суд, а оштетените на граѓански спор, за евентуално обесштетување.
С. К. ДЕЛЕВСКА