ОСМАНИ ПОСТАПИ СОЛИДАРНО, НО ИЗЈАВАТА НЕ МУ БЕШЕ СООДВЕТНА, КАЖА ЗАЕВ ЗА ОДЛУКАТА НА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ДА НЕ ОДИ ВО БАЊА ЛУКА

    ОСМАНИ ПОСТАПИ СОЛИДАРНО, НО ИЗЈАВАТА НЕ МУ БЕШЕ СООДВЕТНА, КАЖА ЗАЕВ ЗА ОДЛУКАТА НА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ДА НЕ ОДИ ВО БАЊА ЛУКАЗаев и Османи на вечера со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 17 јануари. (Фото: Влада на РМ)

    Премиерот Зоран Заев ја поддржа одлуката на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи да не учествува на конференцијата на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан во Бања Лука викендов. Османи го откажа учеството на конференцијата, бидејќи не било покането и Косово, а од истата причина учеството го откажа и албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати.

    Заев, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Конче, кажа дека Османи веројатно постапил од солидарност, но додаде дека неговата изјава била несоодветна.

    „Веројатно солидарноста која што е зградена во Западен Балкан помеѓу шесте земји членки, а тоа е да бидеме сите заедно секогаш, било причината потпретседателот на Владата да даде таква изјава. Веројатно ако би била изземена и Црна Гора би требало вака солидарно да се поставиме, поради тоа што ако некој од партнерите од шесте земји не е поканет, не знам што ќе бараат останатите пет. Но, истовремено не можам да потврдам дека е соодветно дадена изјавата од господинот Бујар Османи, поради тоа што без ваквото објаснување кое што сега го давам испраќа грешна порака. За нас сите се партнери, подеднакво целиот регион сакаме да оди напред, знаеме дека градиме добрососедски односи со сите, и мораме дури и при давањето на изјавата да внимаваме на нашиот одек и однос со нашите соседи, но и внатре во државата“, изјави Заев.

    Претходно денеска, на прес-конференција, Османи кажа дека одлуката не ја донел како Албанец, туку како европеец, кој што верува во европската иднина на регионот и додаде дека и да не била повикана некоја друга држава, немало да учествува на таа конференција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира