Осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, поранешен сопственик на компанијата „Трансмет“, останува во Македонија, откако се врати од бегство во саботата. До крајот на денот судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 треба да донесе нова одлука во врска со барањето на Специјалното јавно обвинителство да му се одреди мерка притвор.
СЈО на 25 февруари отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.
Фетаи кажа дека меѓу доказите се три прислушувани телефонски разговори, од кои два не се објавени во јавноста. Тендер за ископ на јаглен, каков што е под истрага во „Труст“, се споменува во разговорот меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ Владо Чинговски, објавен во 14. бомба на опозицијата. Во разговорот, Груевски му кажува на Чинговски дека „се сретнал со кратовчанецот и со тој што има кола „сеат ибица“ и го советува директорот на ЕЛЕМ „да ја организира работата и да се сите задоволни“.
Обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски по денешното петчасовно рочиште кај судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1, искажа разочараност бидејќи место да се разгледуваат фактите за барањето мерка притвор, судијата ги следел упатствата на Врховниот суд кој му го укина притворот на Кочан.
„Спротивно на законот, место да се разгледуваат основите за барање притвор, се навлезе во доказите за стореното кривично дело што ги предлага СЈО до степен завршни зборови и пресуда да изрече судијата на претходна постапка“, рече обвинителот Бубевски.
Тој кажа дека денеска не се појавил осомничениот Кочан на рочиштето пред судијата на претходна постапка. За тоа одбраната донела толку штуро и конфузно медицинско оправдание, за кое, како што рече Бубевски, ни од хумани причини не може да даде проценка за неговата фактичка здравствена состојба.
Одбраната на Кочан тврди дека Кочан е во тешка здравствена состојба.
Поради тоа, Бубевски побарал да се викне специјалистот што ја дал таа дијагноза, но судијката го одбил предлогот.
Адвокатот на Кочан Никола Додевски не одговори децидно н новинарско прашање: „Како службениот пат на неговиот клиент Сеад Кочан стана бегство од два месеца и пет дена?“. Тој рече дека бизнисменот е во сложена здравствена состојба и дека поради тоа тој бил надвор од државата. Додевски рече дека преку решението за притвор и известувањето на медиумите за состојбата на Кочан, се врши хајка против бизнименот.
Според Бубевски, одлуката на Врховен, кој не дозволи да се спроведе одлуката на Апелациониот суд Скопје Кочан да ја добие мерката притвор, „претставува драматично кршење на уставните и законските принципи“.
С. К. ДЕЛЕВСКА