ОСТАНАТИ СЕ 3.700 ОБРАСЦИ ЗА ПАСОШИ, ПРИОРИТЕТ ЌЕ ИМААТ ТИЕ ШТО СЕ БОЛНИ И ТИЕ ШТО ПЛАТИЛЕ ЗА ИТНА ПОСТАПКА, КАЖА ЧУЛЕВ

    ОСТАНАТИ СЕ 3.700 ОБРАСЦИ ЗА ПАСОШИ, ПРИОРИТЕТ ЌЕ ИМААТ ТИЕ ШТО СЕ БОЛНИ И ТИЕ ШТО ПЛАТИЛЕ ЗА ИТНА ПОСТАПКА, КАЖА ЧУЛЕВТехничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев на владина седница. (Фото: Влада)

    Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев кажа дека до следната нарачка се останати 3.700 обрасци за пасоши, а има поднесено околу 16.500 барања по редовна постапка и 650 по итна постапка. Тој рече дека сѐ уште работат на утврдување методологија кој ќе добие пасош по редовна постапка, но дека приоритет ќе имаат болните. 650-те граѓани кои поднеле барања по итна постапка, исто така, ќе имаат приоритет.

    „Во текот на денешниот ден повторно ќе направиме обиди за решавање на проблемот, а во МВР веќе сме при крај за утврдување методологија. Приоритет ќе имаат сите оние случаи каде е неопходно издавање пасоши заради здравствени причини“, рече Чулев на денешната прес-конференција.

    Тој кажа дека наредната нарачка од „Веридос“, согласно склучениот договор е 24 март, но имаат ветувања од германската компанија дека тој рок може да се скрати од 10 дена до две недели, но тоа не е официјализирано. Тогаш треба да пристигнат 100.000 нови обрасци за пасоши.

    „На 6 декември 2019 во информација доставена до министерот за внатрешни работи од страна на помошникот министер се укажува дека на залиха имало 88.100 пасоши. Кога дојдов јас како министер службите нè информираа дека имаме сериозен недостиг на лични документи, вклучително и пасоши и во информација само еден месец подоцна, на 8 јануари 2020 година, службите ме информираа дека имаме само 27.580 пасоши, или околу 50.000 помалку“, рече Чулев.

    Тоа е, како што кажа тој, резултат на несовесно и нестручно работење и во моментов се врши истрага да се утврди одговорноста.

    Чулев рече и дека се размислува до пристигнување на новата пратка обрасци, системот за издавање патни исправи да биде ставен вон функција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира