Избеганиот осуден пратеник Никола Груевски ја доставил оставката до Собранието и откако ќе биде преведена од унгарски ќе им биде дадена на пратениците. Поранешниот премиер, кој живее како азилант во Будимпешта, ја испратил оставката со нотарски акт и со соодветни печати со кои се потврдува дека станува збор за лична изјава на Груевски, потврди претседателот на Собранието Талат Џафери за државната агенција МИА.
„Примена е на 5 јуни. Испратена е на превод од унгарски јазик и кога ќе биде преведена ќе биде доставена на пратениците“, вели Џафери.
На 1 јуни, Груевски на Фејсбук најави дека самиот ќе си поднесе оставка и напиша дека следните денови за таа одлука и формално-правно ќе го извести Собранието.
Според Деловникот, известувањето за оставката се става на дневен ред на првата наредна седница, која во случајов е закажана за вторник во 11 часот.
Пред да најави оставка Груевски, собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања донесе одлука да му предложи на Собранието да му се одземе пратеничкиот мандат на експремиерот поради неоправдано отсуство од шест месеци.