И другите министри да го следат примерот на Зоран Ставрески и да си поднесат оставки, побара денес партијата Левица. Со тоа, според Здравко Савески ќе создадат пат за преодна експертска влада.
„Сакам да му изразиме благодарност и на Зоран Ставрески што ни го разубави денот и си поднесе оставка штом излеговме од куќен притвор. Како Левица, бараме неговиот пример да го следат и другите министри и да создадат пат за преодна експертска влада, која ќе создаде услови за фер и демократски избори. Бараме да се спроведат сите услови за фер избори, вклучително и повторно отворање на Изборниот законик, бидејќи таму промените што настанаа минатата година беа половични“, рече Савески.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните кои им дале поддршка за време на куќниот притвор и потсети дека ги чека уште судење на 5 јуни и им се заканува казна затвор.
Савески најави дека и покрај летото, протестите ќе продолжат.