ОСУДЕНИОТ АДВОКАТ ФЕХМИ СТАФА ВО СУДОТ РЕЧЕ ДЕКА НЕ МУ ДАЛ ПАРИ НА СУДИЈАТА РИСТОВ И ОТИ ПРИЗНАЛ ВИНА ОД СТРАВ И ПОД ПРИТИСОК

    ОСУДЕНИОТ АДВОКАТ ФЕХМИ СТАФА ВО СУДОТ РЕЧЕ ДЕКА НЕ МУ ДАЛ ПАРИ НА СУДИЈАТА РИСТОВ И ОТИ ПРИЗНАЛ ВИНА ОД СТРАВ И ПОД ПРИТИСОКНа прашање на судијката Билјана Коцевска, пак, за наводна конструкција на МВР и обвинителството на спогодбата што ја прифатил, сведокот Стафа рече дека ништо не е точно во содржината на спогодбата и оти морал од двете штети да ја одбере поблагата. (Фото: СДК.МК)

    Денеска во Кривичниот суд Скопје на судењето на поранешниот апелационен судија Ѓоко Ристов беше спроведен адвокатот Фехми Стафа од затвор, каде што издржува казна по признание на вина дека 50.000 евра поткуп зел за да му ги даде на обвинетиот Ристов, кому Обвинителството за организиран криминал и корупција му најде заѕидани непријавени 350.000 евра во семејната куќа во Неготино.

    Стафа рече дека ја признал вината своеволно, па кажа и зошто. На прашање на адвокатот на Ристов, Стафа рече дека тие пари не му ги дал на Ѓоко Ристов.

    „Не само во овој предмет, во ниеден не сум му дал пари на судијата Ристов. Го признав делото зашто се плашев од поголема казна. По моето лишување од слобода, двајца истражители, У.Ш. и еден друг со него, фатија да ме претресуваат пред зградата на сестрата на Пецов кој го застапував. Истражителот У.Ш. беше многу агресивен, ме малтретираше, сакаше физички да ме нападне. Парите не ги најде тој кај Ристов. 20.000 евра се пријавени, а не се најдени. Кажав дека тие се награда за моите адвокатски услуги. Тој контактираше со обвинителката Искра Хаџивасилева. Ми рече да кажам дека се за судијата Ѓоко Ристов и оти така ќе се спасам од кривична одговорност”, сведочеше Стафа.

    Родителите на Ѓоко Ристови не дојдоа. Ни Љупчо Пецов-Ѓаволот, само Фехми Стафа кој беше спроведен од затвор. Фехми Стафа е поранешен Државен правобранител, колега на сопругата на Ѓоко Ристов.

    Сите овие сведоци се на одбраната на Ѓоко Ристов и за судијката беше нејасно зошто не ги обезбедиле за денешното рочиште, на кое се направи трошок за сослушување на само еден сведок, Стафа.

    Стафа рече дека кога се видел со Хаџивасилева ѝ рекол: “Јас 10 години ќе лежам затвор, нема да лажам дека парите се за Ѓоко”.

    Тој ја пријавил секаде, но рече дека ниедна институција не презела ништо да ја казни. Затоа, рече: „На крајот си ги скратив маките, признав дело за да излезам од притвор”.

    „Останатите 30.000 евра ми се дадени на заем, од страна на сестрата на Пецов. Имам доказ за тоа”, објаснуваше Стафа за 20.000, плус 30.000 евра што ги зел од сестрата на Љупчо Пецов.

    Обвинителката Хаџивасилева во вкрстени прашања прво го потсети Стафа дека сам барал да се спогоди, на што тој рече: „Да”.

    „Вашата казна е ублажена на година и три месеци?”, праша обвинителката.

    „Да, одговори тој.

    „Рековте сте приговарале дека некој ве терал да лажете. Но, вие ги гледавте ги видеоматеријалите во кои сами кажувате дека парите се за Ѓоко Ристов”, праша таа.

    И ова го потврди Стафа, рече било под притисок.

    „Адвокатот ве праша, а и вие рековте дека не сте дале поткуп. Но, вие не бевте обвинет за давање поткуп, нели?”, го наврати пбвинителката. И на ова одговори потврдно.

    „Во еден момент рековте: ‘Не сакам да ме снајде тоа што го снајде Ѓоко Ристов, кому му беше запалено возилото. Вие знаете кој му ја запали колата и од кои мотиви?”, праша Хаџивасилева, по што Стафа малку се вознемири.

    „Не, ама истражителот ми рече дека бел ден нема да видам”, рече тој.

    Адвокатот на Ристов допраша: „А за што одговаравте всушност?”

    „За да влијаам кај Ѓоко Ристов за куќен притвор, а таа одлука веќе беше донесена”, рече Стафа.

    На прашање на судијката Билјана Коцевска, пак, за наводна конструкција на МВР и обвинителството на спогодбата што ја прифатил, сведокот Стафа рече дека ништо не е точно во содржината на спогодбата и оти морал од двете штети да ја одбере поблагата.

    Но, Коцевска потоа рече дека извршила увид во таа спогодба,

    И оти таму стои дека и Љупчо Пецов-Ѓаволот и неговата сестра што го пријавила, тврдат дека Стафа барал 100.000 евра за Ѓоко Ристов да среди поблага мерка.

    „Тоа беа пари за адвокатска награда, а не за Ристов. Во разговорите Ѓоко Ристов беше спомнат дека треба да одлучи, а не дека парите се за него”, продолжи Стафа.

    „Не ве прашувам тоа. Така кажале братот и сестрата Пецови, или не кажале?”, пак му појаснуваше судијката.

    „Ама начинот на кој се собрани доказите…..”, продолжи да заобиколува овој наш поранешен Правобранител на Македонија, кадар на ДУИ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира