МИ СЕ ЗАКАНУВАШЕ ЌЕРКАТА НА МИТКО ЧАВКОВ, КАЖА ОСУДЕНИОТ НИНЏА ПРЕД АПЕЛАЦИОНИОТ СУД

    МИ СЕ ЗАКАНУВАШЕ ЌЕРКАТА НА МИТКО ЧАВКОВ, КАЖА ОСУДЕНИОТ НИНЏА ПРЕД АПЕЛАЦИОНИОТ СУДСудијата Јани Нича кажа дека денешните закани ќе ги евидентира судската полиција, додека, заканите од Чавков и политичари, го упати да ги пријави кај надлежните институции. - Митко Чавков; Александар Василевски-Нинџа (Фото: СДК.МК)

    На вториот ден од јавната седница по жалбите на 16-темина осудени за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, осудениот Александар Василевски-Нинџа пријави пред судечкиот совет на Апелациониот суд Скопје закани при денешниот спровод од притвор.

    „Почитуван суде, кога ме донесоа денеска во судов, ми беа упатени закани од присутните членови на патриотските здруженија, под водство на ќерката на Митко Чавков, а кои се долу пред судов. Чавков директно ми се закани и по изрекувањето на првостепената пресуда. Сакам да пријавам и закани од политичари цело време додека сум во притвор”, кажа денес Нинџа.

    Судијата Јани Нича кажа дека денешните закани ќе ги евидентира судската полиција, додека, заканите од Чавков и политичари, го упати да ги пријави кај надлежните институции.

    За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017 година, судијката Добрила Кацарска во Основниот суд Скопје 1 на 16 обвинети во март лани им изрече вкупна казна од 211 години затвор. Најголема казна, 18 години затвор, доби Чавков.

    Александар Василевски на судењето во Кривичниот суд го призна делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, но кажа и во детали како бил организиран и координиран нападот од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во белата луксузна палата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира