За 47 отсто е зголемен бројот на нови заболени од голема кашлица од 30 август до 5 септември, во споредба со споредба со претходниот седумдневен период, стои во новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најголем дел од вкупниот број случаи (25) е пријавен во Скопје (14), а пријавени се и пет случаи во Тетово, три во Кратово, два во Куманово и еден во Крива Паланка.
Возраста на заболените се движи од еден месец до 60 години, а најголем број случаи се од возрасната група под една година (8).
Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, шест се комплетно вакцинирани и еден е вакциниран согласно возраста. Од новите случаи пет беа хоспитализирани.
Заклучно со 5 септември, во земјава се регистрирани вкупно 1.074 случаи на голема кашлица. Тоа претставува неколкукратно зголемување во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023), кога се регистрирани вкупно 10 случаи.
Согласно податоците доставени од Здравствен дом Скопје, службите за вакцинација утврдиле дека се пронајдени 21.970 деца пропуштени за вакцинација. Од нив вакцинирани се 15.333, а најголем број од нив примиле прва ревакцина (47,2%).
Според доставените податоци од центрите за јавно здравје низ земјава, пронајдени се 10.175 деца пропуштени за вакцинација, а од нив се вакцинирани 7.004. Од вакцинираните, најголем број примиле прва ревакцина (45,3%).