Словенечкиот премиер Роберт Голоб се надева дека кај сите политички партии во земјава ќе преовлада разумот и уставните измени до ноември ќе бидат изгласани. Голоб, кој денеска беше домаќин на премиерот Димитар Ковачевски при официјалната посета на Словенија, кажа дека процесот на преговори со ЕУ не смее да престане и нема да дозволи да се поставуваат дополнителни услови на Македонија.
„Северна Македонија е дел од Европа, секогаш била и сега е време да стане дел од европското семејство. Предолго се чекаше на тоа и денес овој процес конечно се мрдна од место и треба сите да направиме сè што можеме никогаш повеќе да не застане. Јас знам дека уставните измени се тешка задача, но верувам дека ќе преовлада разумот кај сите политички субјекти. Сегашниот процес на преговори не смее да застане. Ќе инсистираме да одите понатаму и освен промената на Уставот, да не се бараат и поставуваат други услови“, кажа Голоб на заеничката прес-конференција со Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека земјава секогаш кога носела големи одлуки излегувала посилна.
„Пред нас е носење уставни измени коишто се дел од условите во преговарачката рамка. И нив кога ќе го донесеме државата пак ќе излезе и посилна и како победник затоа што после тоа автоматски продолжува втората меѓувладина конференција, отворање на кластерите, реформите во општеството и полноправно зачленување во ЕУ, за што поддршка имаме од сите земји членки“, кажа Ковачевски.
А. АНТЕВСКА