ОТФРЛЕНА КРИВИЧНА ПРОТИВ КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО УТВРДИЛО ДЕКА БУЏЕТОТ НЕ БИЛ ОШТЕТЕН ЗА 2,7 МИЛИОНИ ЕВРА КАКО ШТО ПРОЦЕНИЛА ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА

    ОТФРЛЕНА КРИВИЧНА ПРОТИВ КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО УТВРДИЛО ДЕКА БУЏЕТОТ НЕ БИЛ ОШТЕТЕН ЗА 2,7 МИЛИОНИ ЕВРА КАКО ШТО ПРОЦЕНИЛА ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈАПратеничката Канческа-Милевска е првообвинета во предметот на СЈО „Тендери“ за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, за кој судењето е во тек. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје донесе одлука да ја отфрли кривичната пријава против поранешната министерка за култура, сега пратеничка, Елизабета Канческа-Милевска, за несовесно работење во службата, поднесена од Управата за финансиска полиција, соопшти Јавното обвинителство.

    Според кривичната пријава, Канческа-Милевска, во својство на министерка за култура, заедно со уште две лица, заменик министер и раководител на Сектор за финансиски прашања во министерството, со пропуштање надзор несовесно постапиле и била извршена исплата во странство на правен субјект од Белград, Србија, „Светлост театар“, врз основа на 11 договори, при што, според проценката на Финансиската полиција, бил оштетен државниот буџет за 2.770.640 евра. Финансиската полиција сметала дека во фактурите од странскиот правен субјект незаконски бил вкалкулиран 18% ДДВ, спротивно на Законот за трговски друштва.

    Сепак, надлежен обвинител, постапувајќи по кривичната пријава, по вештачењето на Бирото за судски вештачења, утврдил дека единствено имало неправилен тек на парите, но не постои штета на буџетот, ниту каква било друга штета.

    „Имајќи ги предвид сите овие факти, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното или друго кривично дело кое се гони по службена должност“, велат од ОЈО Скопје.

    Канческа-Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за околу 54 милиони денари. Судењето е во тек.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари