Секаде се пуши во затворен простор и никој не го почитува Законот за заштита од пушење, а ниту пак власта врши контроли и казнува.
Се пуши не само во кафеанските стакларници кои се цели објекти, а не тераси, туку и во затворените делови на кафулињата, рестораните, во дискотеки, кладилници, казина, па дури и во јавни институции, меѓу кои и болници. Откако после ковид пандемијата угостителските објекти повторно почнаа да работат, никој не води сметка дали се почитува и така олеснетиот Закон за заштита од пушење.
Откако СДСМ дојде на власт, веднаш се зафати за измена на Законот за заштита од пушење. Во март 2018, по предлог на пратениците на СДСМ во Собранието беа изгласани измените со кои се дозволи да се пуши на тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти и кога тие се затворени поради временските услови. Со првичниот Закон, донесен од власта на ВМРО-ДПМНЕ, терасите не смееја да бидат целосно затворени односно застаклени туку мораше да бидат отворени од едната страна.
Но, откако се донесоа измените на Законот, сите кафулиња и кафеани станаа стакларници, кои не личат на тераси туку на цели објекти од цврста градба. Се отвора само покривот и на тој начин повремено се луфтираат објектите. Ниту еден угостител нема инвестирано во поставување соодветна вентилација.
„Најлошо е што поради Законот за пушење се узурпира јавен простор. Јавните површини се заградени со објекти, нема разлика меѓу затворен и отворен дел, не постојат веќе летни тераси, туку цели објекти“, велат инспектори од скопски општини кои сега имаат проблем со зафатени јавни површини од кафулиња за пушење.
Освен што власта на СДСМ го олесни Законот, не се вршат ниту контроли.
Според податоците кои ги добивме од Пазарната инспекција, пред ковид-пандемијата во 2018 и 2019 годишно се вршеле по 3.000 контроли и биле изречени по 100 казни. Во 2021 биле спроведени околу 120 надзори и биле пишани само 16 казни, а во првата половина на 2022 се спроведени 200 контроли и изречени се 63 казни.
Според Законот, казната за правното лице е од 4.000 до 4.500 евра, за одговорното лице од 500 до 1.000, а физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затвотен објект ќе биде казнето со 100 до 300 евра.
Директорот на Пазарната инспекција Горан Трајковски вели дека вршеле контроли, но изминатиов период биле насочени кон контроли дали трговците ја почитуваат маржата одредена од Владата и цените на основните производи.
„Во наредниот период ќе следат засилени акции дали се почитува Законот за заштита од пушењето низ целата земја. И до нас стигнуваат пријави дека Законот не се почитува. Апелирам до угостителите да ги почитуваат и применуваат одредбите оти казни покрај за физичките лица, се изрекуваат и за правното и одговорното лице“, вели Трајковски.
А. АНТЕВСКА