ОТКАЖА КРАЈСЛЕРОТ ОД ДОСТА ДИМОВСКА, ЕДИНСТВЕНОТО ВОЗИЛО СО КОЕ СКОПСКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ОДЕА НА УВИД

    ОТКАЖА КРАЈСЛЕРОТ ОД ДОСТА ДИМОВСКА, ЕДИНСТВЕНОТО ВОЗИЛО СО КОЕ СКОПСКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ОДЕА НА УВИДПолициски „крајслер“ паркиран на автопатот Скопје-Тетово за време на увидот на автобуската несреќа кај Ласкарци на 14 февруари. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Најголемото обвинителство ОЈО Скопје, кај кое се 95 отсто од кривичните настани во Македонија, остана и без последното службено возило со кое се одеше на увид. Веќе извесно време обвинителите се зависни од МВР, и кога ќе се случи убиство, сообраќајка, насилство, пожари и други непогоди со жртви и повредени, тие чекаат екипа од крим-техника да помине да ги собере за, како што велат од обвинителството, да не се срамат со такси возила.

    „Останавме и без крајслерот што ни беше даден од оние, ако се сеќавате, што беа од времето на покојната министерка за внатрешни работи Доста Димовска. Тоа ни беше единственото службено возило што ни беше за увид. Тропаше, тропаше, тропна силно и стиши. Повеќе не запали. Сега, иако ние сме им шефови на МВР и ние командуваме со истрагите, зависиме од нив. Кога ќе се случи кривичен настан, тие нè возат до местото и нè враќаат назад“, револтирани се обвинителите од ОЈО Скопје.

    Покрај немањето возила за увид, ова обвинителство се соочува и со друг исто толку тежок проблем, тоа што немаат специјално возило за транспорт на обвиненијата до Основниот суд Скопје 1. За ова, тие позајмуваат пикап возило од Републичкото обвинителство, кое е далеку од сигурносно возило кое ги има стандардите за пренос на оригинални документи – обвинителни акти и материјални докази за на судење.

    „Предметите во оригинал, како што бара законот, се носат одовде до Кривичниот суд, сосе оригинални материјални докази. Во нормалните држави овој транспорт се врши со безбедносно возило пропратено со физичко обезбедување. Ние овие важни материјали ги носиме импровизирано и на ризичен начин, бидејќи немаме ни такво возило. Позајмуваме пикап од Републичкото обвинителство, што може секој да го преврти на првата кривина и да ги однесе доказите“, велат обвинителите од најголемото обвинителство.

    За купување службени возила во ОЈО Скопје ни оваа година нема пари, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од Републичкото обвинителство.

    „Ист беше третманот и од претходната власт кон Обвинителството. Речиси ништо не е сменето“, велат оттаму.

    Оттаму велат дека едвај некако успеале да ги платат наталожените долгови на Јавното обвинителство на Скопје за судски вештачења, нешто без кое ниедно обвинителство во светот не може да ја работи истрагата.

    „Ова е само мал сегмент за тоа како течат реформите во Обвинителството“, разочарани се во Скопското јавно обвинителство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира