РДФ отпадот наменет за гориво за фабриката „Усје“ не е опасен и е во согласност со европските стандарди, покажале резултатите од лабораториското испитување на мострите во Естонија.
На 29 јануари Државниот инспекторат за животна средина, Министерството за животна средина и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 15 камиони со отпад (РДФ) од Италија. Камионите беа запрени на влез на граничниот премин Богородица. Од отпадот беа земени мостри, а со цел поголема веродостојност на резултати, земените мостри беа доставени до Истражен центар за животна средина во Естонија.
„Врз основа на резултатите од анализата на двете мостри од РДФ отпад направени во независната лабораторија на Естонија потврдено е дека испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во Европскиот стандард за Цврсти обновени горива“, велат од Министерството за животна средина.
Собранието во средата го изгласа Законот за забрана на увоз на отпад кој може да се согорува и користи како гориво.
А. АНТЕВСКА