Повторно отворање и модернизација на граничниот премин Маркова Нога-Лемос меѓу Македонија и Грција, е меѓу проектите во вредност од 14 милиони евра, кои денеска во Ресен ги претставија еврооамбaсадорот Дејвид Гир, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) Армен Григорјан и државна делегација.
Во фокусот на мерките со оваа поддршка од ЕУ се и зачувување на биодиверзитетот во Преспанското Езеро, како и проекти за развојот на одржливото земјоделство и туризам, за справување со крупниот отпад и отпадните води.
Инвестициите во Преспанскиот Регион, кои ќе се спроведат преку два проекти, финансирани од ЕУ и делумно од УНДП –„ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“ ќе се спроведат до септември 2027 година.
„Денеска сум многу задоволен да го објавам почетокот на повеќето практични активности, финансирани од ЕУ со цел да создадеме одржлива иднина за Преспа. Тие ги вклучуваат: инвестиции во инфраструктурата, поддршка за граѓанското општество, националните паркови и културното наследство; локалното земјоделство и туристичкиот сектор. Успехот, секако ќе зависи од блиското партнерство меѓу властите, граѓанското општество, бизнисот и решителната политичка посветеност од трите земји во регионот“, изјави амбасадорот Гир.
Повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога беше најавено уште со потпишување на Преспанскиот договор. Во 2020, тогашните градоначалници на Ресен и Преспа од грчка страна по средбата на самиот премин најавија дека Македонија и Грција активно работат на усогласување и забрзување на постапката. Поради коронакризата беа одложени дел од средбите помеѓу надлежните од двете држави, а пред пандемијата беше најавено дека ЕУ ќе помогне финансиски во средувањето на преминот.
Рампата е спуштена 56 години. Преку Маркова Нога-Герман некогаш се минувало само со лична карта, но во 1967 година беше затворен со политичка одлука од страна на Грција. Последното село на македонска страна Долно Дупени тогаш имаше 700 жители, а денес ни 100. Најблиското село од другата страна е Раби на два километра. Но, за да се стигне дотаму, се врти преку граничниот премин Меџитлија дури 100 километри.
Програмата „ЕУ за Преспа“ ќе помогне и во справување со загадувањето на водата и почвата, како и за заштита на ендемските видови во Преспанското Езеро.
„УНДП активно го подржува Преспанскиот регион од 2004 година. Со овие проекти заедно со ЕУ ќе продолжиме со промоција на добрите земјоделски практики. Со изградбата на системите за управување со отпадни води, повеќе од 1.500 жители на 6 села ќе имаат и пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик а мрежата за собирање на цврст отпад, ќе се прошири со 11 села и над 1.100 жители , со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година“ рече Григорјан.
Б. НЕСТОРОСКА