ОТВОРАЊЕТО НА КЛУБОТ ВО БЛАГОЕВГРАД НЕ Е ОД КОРИСТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА, ИСТО КАКО ШТО КЛУБОВИТЕ ВО ОХРИД И БИТОЛА НЕ СЕ ОД ИНТЕРЕС НА БУГАРИТЕ, ВЕЛИ ОСМАНИ

    ОТВОРАЊЕТО НА КЛУБОТ ВО БЛАГОЕВГРАД НЕ Е ОД КОРИСТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА, ИСТО КАКО ШТО КЛУБОВИТЕ ВО ОХРИД И БИТОЛА НЕ СЕ ОД ИНТЕРЕС НА БУГАРИТЕ, ВЕЛИ ОСМАНИБујар Османи и поранешниот бугарски премиер Кирил Петков во посета електро-енергетскиот проект „Битола 2“ на 16 април. Петков истиот ден беше на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград не е во функција на промовирање на заедниците или во функција на добрососедството помеѓу двете држави, туку напротив, има обратна функција.

    На денешниот брифинг за новинарите во МНР, Османи рече дека нема да оди на отворањето на клубот во Благоевград, од истите причини што не отишол на отворањето на бугарските клубови во Битола и Охрид.

    „Нема да одам од истите причини поради кои што не отидов и на отворањето на двата бугарски клубови во Охрид и Битола. Ниту клубот во Охрид, ниту клубот во Благоевград не прават услуга на бугарската заедница тука и на македонската заедница таму“, вели Османи.

    Дополнително, за клубот во Благоевград, Османи рече дека е спорно кој е финансиерот.

    „Кога дознав кој го финансира клубот, ми станаа јасни и сите аспекти од отворањето Тоа е една фондација од Канада, која што има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата, ќе видите дека не е во функција на стратешките интереси на државата така да не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните или пак на односите меѓу двете земји. Апсолутно не велам дека немаат право да отвораат клубови, сакам да кажам дека не ми се допаѓа оваа тендеција да се злоупотребат граѓаните и заедниците и овде и таму од политички актери. Гледате дека веќе политички актери се обидуваат веднаш да најдат простор тука за некаква си политичка агенда и тоа не е патот кој што да го градиме. Да не дозволиме некој да ја киднапира агендата. Гледајќи ги позициите на тие што стојат позади очигледно дека нешто е спорно“, изјави Османи.

    Османи не ја спомена канадската фондација, но станува збор за Македонското меѓународно движење за човекови права. Отворањето е на 30 октомври (недела), а присуство на отворањето на најавија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема да оди на отворањето, додека претседателот Стево Пендаровски ќе го испрати генералниот секретар на кабинетот Миле Бошњаковски.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира