ОТВОРЕНА МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА НА ПУЛМОЛОГИЈА, ОПРЕМЕНА СО АМБУЛАНТИ НА 450 КВАДРАТНИ МЕТРИ

    ОТВОРЕНА МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА НА ПУЛМОЛОГИЈА, ОПРЕМЕНА СО АМБУЛАНТИ НА 450 КВАДРАТНИ МЕТРИДиректорот на Клиниката за пулмологија и алергологија д-р Дејан Докиќ и министерот за здравство Венко Филипче на денешното отворање на монтажната болница. (Фото: Министерство за здравство)

    Пуштена е во употреба монтажната болница на Клиниката за пулмологија и алергологија, во чии нови амбуланти на 450 квадратни метри се сместени сите потребни инструменти и апарати за да се примат, прегледаат и брзо дијагностицираат сите пациенти коишто имаат проблеми со белите дробови, а доаѓаат и бараат услуга од Клиниката.

    „Со ова, постигнуваме неколку работи: сите пациенти коишто имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во останати амбуланти, а досега беа тие сите на едно место и со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите коишто доаѓаат овде во Клиничкиот центар за некаква друга симптоматологија. Истовремено, се ослободува простор на местото кадешто досега беа овие амбуланти и дополнително ќе се доделат на клиниките за гастроентерохепатологија и нефрологија, за да се обезбеди повеќе физички простор за време на чекањето, а секако со тоа и дополнителна апаратура којашто таму ќе се смести. Ќе може да добијат и дополнителна здравствена услуга, амбулантски за да се избегнат непотребните хоспитализации“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

    Во новиот објект се наоѓаат засебни чекални и простории за администрирање, приоритетна амбуланта за прием на интервентни пациенти, амбуланти и кабинети за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две простории – дневни болници за сместување на амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба и слично.

    Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, д-р Дејан Докиќ кажа дека во новите амбуланти, за разлика од старите, во посебни простории ќе се изведуваат различни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можности за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на вирусот.

    Од Министерството за здравство велат дека во новиот објект целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен за да не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети, согласно стандардите. Објектот е лесно пристапен со моторни возила преку крак од улиците на комплексот на Клиничкиот центар, има директен пристап и обезбедени паркинг места за возилата на итната медицинска помош.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира