ОТВОРЕНА ПРЕДИСТРАГА ЗА СУДИЈАТА ЕЉВЕДИН ФЕРАТИ, КОЈ СО ПРЕЧКРТУВАЊЕ СИ ПОПРАВАЛ ОЦЕНКИ НА ТЕТОВСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ

    ОТВОРЕНА ПРЕДИСТРАГА ЗА СУДИЈАТА ЕЉВЕДИН ФЕРАТИ, КОЈ СО ПРЕЧКРТУВАЊЕ СИ ПОПРАВАЛ ОЦЕНКИ НА ТЕТОВСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТСудијата Ферати работи како судија за граѓанска област во судот во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    За судијата Ељведин Ферати од Основниот суд Тетово е отворена предистрага, откако Државниот просветен инспекторат утврди дека си ги поправил оценките по право на Тетовскиот државен универзитет, со пречкртување. Предистрагата ја води Скопското јавно обвинителство.

    „ОЈО Скопје постапува по доставено известување од Државниот просветен инспекторат и презема дејствија во предистражна постапка со цел да ги испита сите околности“, вели Обвинителството.

    Случајот го откри Антикорупциската комисија лани во декември, во рамки на големата ревизија со која се пребројуваа факултети и дипломирани студенти на кои им биле давани дипломи со недоволен број кредити.

    Судијата Ферати работи како судија за граѓанска област. Дипломирал во шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители и во 2020 година е избран за судија.

    Спорното кај него што го открил Државниот просветен инспекторат е што Ферати на огласот во Академијата за судии се пријавил со оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88.

    Државниот просветен инспекторат лани по налог на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ја проверуваше документацијата на сите досегашни кандидати кои биле примени и дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители.

    Кога влегол Инспекторатот во Тетовскиот универзитет, видел дека во Матичната книга на Катедрата по право, кај Ферати имало поправено три оценки со пречкртување. Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита.

    Судскиот совет го чека исходот од оваа постапка и засега нема отворено предмет за младиот судија.

    Ферати низ годините работел како стручен соработник во Тетовскиот основен суд.

    Од пребарувањето што го направија тогаш ДКСК, Просветниот инспекторат и Архивот на Македонија, беа утврдени 400 уверенија 7/1, а за само 180 кредити, што ги издавал само Штуловиот универзитет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира