ОВАА ТЕЛЕВИЗИЈА МОРА ДА ЖИВЕЕ ОД НЕШТО, ОДГОВОРИЛ БОКИ 13 НА НОВИНАР ОД „1ТВ“ ПРАШАН ДАЛИ РЕКЕТИРА

    ОВАА ТЕЛЕВИЗИЈА МОРА ДА ЖИВЕЕ ОД НЕШТО, ОДГОВОРИЛ БОКИ 13 НА НОВИНАР ОД „1ТВ“ ПРАШАН ДАЛИ РЕКЕТИРАПрвообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 на претходно рочиште за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Поранешниот новинар во „1ТВ“ Христијан Баневски во денешното сведочење на судењето за „Рекет“ кажа дека го прашал првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 дали рекетира газда на компанија за која тој требало да прави сторија, на што Боки 13 му одговорил дека телевизијата мора да живее од нешто, пренесе државната агенција МИА.

    Баневски сведочеше дека добил барање од Боки 13 да направи сторија за месната индустрија „Агрија“ од Велес. Газдата на фирмата првин му се развикал, за потоа самиот да ги побара и да ги прими на разговор.

    „Ми рече, па ’вие не сте новинари, туку работите како рекетари‘. Од тоа јас бев навреден и потоа побарав образложение од Бојан и го прашав ’дали го рекетирате овој човек‘, на што ми одговори ’оваа телевизија треба да живее од нешто‘. Јас реков дека не сакам да работам повеќе на такви приказни и ќе си заминам“, сведочеше Баневски.

    Денеска сведочеше и куќната помошничка на Боки 13, Дараган Колевска, која кажа дека на гости му доаѓале Радмила Шекеринска, Орце Камчев, Стефан Богоев, Александар Кирацоски, Лила Филиповска, Сергеј Варошлија, Венко Филипче… За третообвинетиот во „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец рече дека бил чест гостин, доаѓал и по двапати на ден и слободно влегувал без да тропне.

    Судењето за „Рекет“ ќе продолжи на 3 јануари, кога треба да сведочи и заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска.

    Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Зоран Милески-Кичеец, исто така, беше обвинет за Примање награда за противзаконито влијание, но тој го призна делото и беше осуден на три години затвор во издвоена постапка. Тројцата ги пријави Орце Камчев дека го рекетирале за да му ја олеснат положбата во истрагата „Империја“, каде што е првоосомничен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира