Пропадна шансата да се избалансира застапеноста во Врховниот суд воопшто, и во кривичниот оддел особено, откако денеска Судскиот совет не избра никој од петте кандидати.
Врховниот суд во кривичниот оддел и натаму останува само со судиите: Џемали Саити, Африм Фидани, Сафет Кадрии, Мирјана Лазарова-Трајковска и Цветанка Периќ.
Не само што судијката Лазарова-Трајковска е единствената Македонка во кривичниот оддел, туку и со волку мал број врховни судии, овој оддел веќе нема да може да работи.
Членовите на Судскиот совет само за гласањето за кандидатите за врховни судии-кривичари, не објаснија зошто гласале „за“ или „против“.
Така, прворангираниот, со најмногу бодови, судијата Зоран Димитриевски од Апелациониот суд Скопје, со 4 „за“ и 8 „против“, не беше избран за врховен судија.
Данка Ристова 6 „за“, 6 „против“, исто така, не беше избрана. И Татјана Дуковска доби 4 „за“, 8 „против“. Енвер Беџети 4 „за“, 8 „против“, како и Енвер Амзаи.
Енвер Беџети, апелациониот судија кој со месеци го држеше предметот „Тврдина-Таргет“, поради што наскоро на обвинетиот Сашо Мијалков ќе му застари делото и ќе биде ослободен за прислушувањето, конкурирал и за во кривичниот, и за граѓанскиот оддел во Врховниот суд. Но, и на двете места беше на дното со бодовите.
И покрај тоа што комисијата на Судскиот совет констатираше дека Беџети не постапил совесно во однос на предметот за незаконското масовно прислушување, сепак членови на Советот упорно инсистирале тој да биде избран за врховен судија, во спротивно, нема никој друг од кандидатите да добие гласови по „Бадентер“.
Врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова, која е член на Судскиот совет, подоцна праша, но не доби одговор – зошто нејзините колеги не гласаат за кандидатите со најголем број бодови, за прворангираните?
Неофицијално, додека ДУИ во Судскиот совет притиска Беџети по секоја цена да биде избран, СДСМ преку други членови во Советот, се радува на неуспешниот избор за кривичари во Врховниот суд, зашто меѓу денешните кандидати за судии, наводно немал блиски.
Кај изборот на граѓански судии во Врховниот суд, политика немаше толку, па прворангираната судијка Анита Бошковска од Апелациониот суд Скопје, со 10 гласа „за“ и 2 „против“, лесно беше избрана.
Катерина Георгиевска од истиот суд, второрангирана по бодови, со ист сооднос на гласовите, беше исто така избрана за судија на Врховниот суд за граѓанска област.
До Елизабета Дуковска, Роза Георгиева и повторно Енвер Беџети, не дојде до гласање, бидејќи изборот беше заокружен со двете прворангирани апелациони судијки.
За судија во Апелациониот суд Гостивар во кривичниот оддел, беше избран Даут Рустеми, судија од Основен суд Гостивар. Потребните гласови ги доби и судијата Александар Милошевски од Кривичниот суд Скопје, за апелационен судија во Гостивар, кривичен оддел.
Досегашниот претседател Хасан Асани беше единствениот кандидат за претседател на Основниот суд Тетово и тој беше денеска реизбран. Државниот завод за ревизија најде сериозни забелешки за Основниот суд Тетово, но тоа во Судскиот совет никој не го прочитал.
Денеска, членовите Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска принципиелно не гласаа за ниту еден од кандидатите, а Тања Чачарова-Илиевска, не присуствуваше на седницата.
С. К. ДЕЛЕВСКА