На судењето за грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, обвинетиот Велибор Манев, сведочејќи за киднапирањето на Вања, тврди дека во темницата под скалите, не виделе дека киднапираат дете место жена, како што им кажал претходно првообвинетиот Љупчо Палевски.
„Откако ја ставивме особата за која мислевме дека е жена во гепек, по насоки на Палевски, почнавме да се движиме. Испаднавме на Партизанска, па скршнавме кон Рузвелтова. Сè како што беше прикажано од снимките на ‘сејф сити’. Палевски нè чекаше кај надвозникот, продолжи, јас со ‘ситроенот’ по него”, кажуваше во детали сведокот-обвинет.
„Стасавме на местото Оризови дупки. Кога го отворивме гепекот, Палчо ја праша која е, како се вика, кои се мајка и татко ѝ. Кога му кажа, ни рече да ја извадиме надвор. Да ја слика и да им прати слики на родителите. Кога ја откопчавме вреќата за спиење, и кога го извадивме селотејпот, видовме дека е дете, а не жена. Му рековме со Боре да ја ослободиме, дека сме под маски, дека никој не нè виде. Палчо почна пак да вика да прекинам, оти ништо не разбирам, сè е тамам и чисто. Ни кажа дека сумата за грабнувањето ќе биде помала од првичната”, одговараше тој на прашања од својот бранител.
По ова замолчеле.
„Се свртев кон лозјата запуштени и некроени. Потоа да ги видам собите што се правени. Да се внесе детето таму. Додека гледав, Палчо му пријде на детето со перниче во раката. Се доближи, му испука куршум на детето. Отиде до колата, извади нови копач, лопата и ашов. Ги фрли кон нас, нареди да ископаме дупка. Копавме по таа смрзната земја, јас и Влатко ја спуштивме во дупката. Палевски ја држеше за главата, ја извади вреќата, ја фрли во колата на Панче. Плачев и ја закопував”, збореше во тешкото сведочење Велибор Манев.
Откако завршиле со закопот, тој го возел ‘ситроенот’. Рече дека Палчо го возел ‘кангуто’ напред.
Потоа Кешишев го полил „ситроенот“ со бензин и го запалиле. Велибор седнал како совозач напред во пикапот ‘кангу’, Палевски го возел. Дошле во канцеларијата на партијата Десна.
Потоа со Боре заминале за Велес.
На прашање на неговиот бранител, Манев кажа дека не поседува оружје, а дека поседувал Палчо, но му го одзеле при претрес. Оружје поседувал и Боре Видевски.
Палевски му се јавувал, му велел не се секирај, сè е чисто. Со Боре се слушале по телефон еднаш дневно. Палевски му се јавил повеќе пати и од Србија. Прво му кажал дека ќе оди за Москва. Сведокот му рекол „прај што знаеш“.
Потоа му се јавил и му кажал дека оди за Истанбул. Се јавувал и од телефонот на Стефан Димовски.
Но, Манев рече дека на Палчо му нашол и пријател, Хусеин од Баликесир за да престојува. Тој не му ни спомнал дека ќе оди на лекар, како што тврдеше Палевски.
Палевски им ветил по 150.000 евра на секого од грабнувањето на ќерката на фармацевтот.
„Кога видовме дека има грешка во грабнувањето, Палевски ни рече дека нема да бидат толку, ќе бидат помалку, ама ќе ги земеме“, сведочеше Манев.
Потоа Велибор Манев одговараше како поминал во полиција. Му покажале фотографија од еден човек, тој кажал дека не го познава, а не знае ни дали Палевски разговарал со него. Тоа било слика од Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.
Рече дека тука почнале пак да го тепаат и да бараат од него да каже дали го познава и дали Палевски зборел со него.
„Еден ми стоеше на главата, друг на колкот, ме тепаа, газеа. Си реков ќе им кажам дека се слушнале, само да не ме тепаат. И така им потврдив за лице кое воопшто не е вмешано”, рече Манев.
На прашање зошто не се откажал на вториот обид за киднапирање, тој кажа: „Ми беше страв дека ќе ме отепа и мене и моето семејство”.
Велибор Манев потоа сведочеше дека потоа бил со денови под страшна тортура во затворот во Шутка, дека секој ден го тепале со палки, колабирал, но бил под закана да не зборува за тоа. Затоа и не ѝ кажал ништо на обвинителката.
Но, по ова судот дозволи да се чита негов исказ во истрагата во обвинителството, каде стои дека бил прашан дали му треба лекарски преглед, одговорил негативно. Потоа бил прашан од обвинителката дали врз него била вршена тортура, и на тоа одговорил негативно.
Судењето е во тек. Обвинети за киднапирањата и убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА
- ПРЕД ДА ЈА ГРАБНАТ ВАЊА, ПАЛЧО ПРВО САКАЛ ДА ГО КИДНАПИРА ДИРЕКТОРОТ НА ГРАНИТ, А ПОТОА 38-ГОДИШНА ЌЕРКА НА СОПСТВЕНИК НА ВЕЛЕДРОГЕРИЈА
- НА ПРВИТЕ РЕЧЕНИЦИ ОД СВЕДОЧЕЊЕТО НА МАНЕВ ЗА НАЧИНОТ НА ГРАБНУВАЊЕ НА ВАЊА, НА ТАТКОТО ЃОРЧЕВСКИ МУ СЕ СЛОШИ, СУДИЈАТА ДАДЕ ПАУЗА
- ДОДЕКА ГО СПРЕМАВ ЖЕЖОВСКИ ЗА ВО ДУПКАТА, ПАЛЕВСКИ ОДЕДНАШ МУ ПУКНА ВО СЛЕПООЧНИЦАТА И МИ КАЖА: „ВАКА Е ПОЧИСТО!”, СВЕДОЧИ ВЕЛИБОР МАНЕВ
- ПАЛЕВСКИ ГИ НАТЕРАЛ ДРУГИТЕ ОБВИНЕТИ ДА ИСКОПААТ ДУПКИ НАД ВЕЛЕС ЗА КИДНАПИРАЊЕ ЛУЃЕ, ЗА ДА ГИ СТАВААТ ВНАТРЕ СО ВРЗАНИ ТЕГОВИ НА НОЗЕТЕ, СВЕДОЧИ ВЕЛИБОР МАНЕВ