ПАЛЕВСКИ ЌЕ БИДЕ СПРОВЕДЕН ВО СУД ПРВО ДА СЕ ИЗЈАСНИ ЗА ПРИТВОРОТ КОЈ МУ БЕШЕ ОДРЕДЕН ПОРАДИ ОПАСНОСТ ОД БЕГСТВО

    ПАЛЕВСКИ ЌЕ БИДЕ СПРОВЕДЕН ВО СУД ПРВО ДА СЕ ИЗЈАСНИ ЗА ПРИТВОРОТ КОЈ МУ БЕШЕ ОДРЕДЕН ПОРАДИ ОПАСНОСТ ОД БЕГСТВОИстрагата кажа дека има мотив за ѕверството, тоа е од користољубие. Но, следи сослушувањето на Палевски што ќе каже за двата настана, (Фото: Принтскрин од видео)

    Осомничениот за убиства Љупчо Палевски со прекар Палчо, кој се товари дека лани во ноември ги киднапирал и свирепо ги убил Вања Ѓорчевска (14) од Скопје, ќерка на негови пријатели, како и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, прво ќе биде спроведен до Кривичниот суд за да се изјасни за мерката притвор. Тој завчера беше екстрадиран од Истанбул во Скопје, со комерцијален авиолет.

    Таа му е одредена по убиството, поради опасност од бегство, во време кога тој беше веќе избеган од Македонија во Турција. Но, негово законско право е пред судијата за претходна постапка да каже дали се согласува со мерката притвор и да даде свои аргументи.

    Дури потоа Палевски ќе дава исказ, односно ќе биде распрашуван од јавниот обвинител кој ја води истрагата, ако не се одлучи да се брани со молчење. Кога ќе заврши оваа фаза, ќе може да се пишува обвинението, бидејќи останатите осомничени се веќе испрашани, собрани се сите материјални докази и во тој дел истрагата е завршена.

    Истрагата кажа дека има мотив за ѕверството, тоа е од користољубие. Но, следи сослушувањето на Палевски што ќе каже за двата настана.

    Судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово изнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде благовремено известена“, кажа денеска Основниот кривичен суд Скопје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира