Министерот за здравство Беким Сали имаше свое обраќање на 75. асамблеја на Светската здравствена организација во Женева, Швајцарија. Тој се осврна на реализираните активности и подготвеноста на здравствениот систем за што поуспешно справување со ковид- пандемијата, што е добра основа и за соочување со идни кризни состојби.
„Последните две години пандемијата ковид-19 беше предизвик за сите нас. За жал, таа одзеде човечки животи и во Република Северна Македонија. Сето ова претставуваше вистински предизвик и ја подигна потребата од цврста основа за брзи и долгорочни мерки за подобрување на тековниот одговор на ковид-19, како и за зајакнување на подготвеноста на Северна Македонија за различни кризни состојби воопшто“, рече министерот Сали.
Во однос на трагичните последици со човечко страдање и загуба на животи, како и лишување на цели заедници од здравствена заштита со Украина, министерот Сали рече дека здравјето и мирот треба да се градат неразделно бидејќи тие се единственото вистинско решение за секоја ситуација.
На маргините на Асамблејата, министерот оствари билатерални средби со генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, со Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, со португалската министерка за здравство, Марта Темидо, како и со федералниот министер за здравство на Германија, Карл Лаутербах.